Светски поетски патувачки фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“

Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во соработка со Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од романскиот град Крајова од денеска до 22 април ќе биде домаќин на Светскиот поетски патувачки фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“.

Предвидено е во Охрид во рамки на фестивалот да присуствуват поетите Јон Деаконеску, Константин Барубу од Романија, Тибор Залан од Унгарија, Бојко Ламбовски од Бугарија, Атила Балаж од Словачка, Градимир Гојер од Босна и Херцеговина, Јетон Келеменди и Љуљзим Тафа од Косово како и македонските поети Зоран Анчевски, Славе Ѓорѓо Димоски и Иван Антоновски.

Во рамки на тридневната програма поетите утре во Прличевата одаја на охридската библиотека заеднички ќе ги прошират видиците преку размена на информации за животот и творештвото на двајцата исклучителни поети Григор Прличев и Михаи Еминеску кои живееле и твореле во 19 век, не се познавале, но според критиката, секој засебно се симбол на најпознати и најценети поети од тој период во македонската и романската книжевност и култура.

Учесниците на Светскиот поетски фестивал следните два дена ќе имаат можност преку неколку читања да го претстават своето лично творештво. На кафе-средба во барот „Аквариус“, во манастирските комплекси „Св Наум„ и „Св Спас“ ќе се инспирираат за да ја  напишат најубава песна за Охрид.

Светскиот поетски патувачки фестивал е проект на Библиотеката од Охрид, дел од нејзината Годишна програма за работа финансирана од Министерството за култура.

Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија меѓу своите основачи има двајца добитници на Нобелова награда. Академијата е единствена институција во Романија поканета од Кралската Шведска академија и Нобеловиот комитет да номинира кандидати за Нобеловата награда за литература.