Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д ќе биде презентиран пред пратениците

Владата информираше дека нејзини претставници и членови на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10–д, вклучени во овој инфраструктурен проект, ќе ја презентираат документацијата и деталите од Договорот за изградба на овие два коридора, во соодветна собраниска процедура.

Целта е пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од Договорот за изградба на двата коридора, кои се од нивни интерес. Презентацијата на Договорот, ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собраниетокои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.

„Коридорите 8 и 10-д, се досега најголемиот инфраструктурен проект во земјава, чија што вредност изнесува 1,3 милијарди евра. Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри. Учеството на секоја институција е важно за брза и навремена реализација на овој најголем инфраструктурен проект, кој е од стратешки интерес за државата“, се вели во соопштението од Владата.

Претходно во средата група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносен сертификат,  во отворено  писмо до премиерот Димитар Ковачевски побараа да им биде доставена копија од Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10Д потпишан на 8.03.2023 меѓу Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Реакцијата на опозицските пратеници дојде откако владејачкита партии СДСМ и ДУИ, под изговор за наводна деловна тајна, иако станува збор за буџетски средства за чие трошење е неопходна транспарентност, одбија јавно да го објават договорот и го кријат и од јавноста и од пратениците, иако се бара да се гласаат законски измени поради тој договор

„Доколку овој Договор е класифициран со степен на доверливост, во прилог Ви доставуваме и наши безбедносни сертификати кои според член 37 од Законот за класифицирани информации ни овозможуваат пристап до владини документи „државна тајна“, се наведува во барањето потпишано од група опозициски пратеници.

Пратеникот Бране Петрушевски објави дека претениците од опозициската партија поднеле иницијатива за да го добијат договорот од 1,3 милијарди евра со конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на четирите автопати.

Според Петрушевски, нема логика пратениците да учествуваат на дебати за повеќето предложени законски измени кои наменски се по скратена процедура заради овој договор, а истиот да не може да биде разгледан од пратениците.