„Кралот на криптовалутите“ До Квон обвинет во Црна Гора за фалсификат

Црногорското обвинителство го обвини јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“, До Квон, како и еден од неговите соработници и сонародник, за кривично дело фалсификување исправа, објави во петокот подгоричкиот дневен весник Вијести.

До Квон и неговиот соработник Хон Чонг Џун по меѓународна потерница беа уапсени на аеродромот во Подгорица во март, кога се обиделе да отпатуваат со приватен авион за Дубаи.

До Квон во светот е познат како „Кралот на криптовалутите“, а неколку земји го сомничат за измама во вкупен изност од 40 милијарди долари. Црногорските власти тогаш објавија дека До Квон престојува во Црна Гора со фалсификувани лични документи, а црногорскиот министер за правда Марко Ковач рече дека Јужна Кореја и САД бараат негова екстрадиција.

Официјална Подгорица сѐ уште не одлучила кому ќе бидат екстрадирани, но се наведува дека земјите што го бараат ќе треба да почекаат доколку се утврди дека уапсените ги прекршиле домашните прописи.

„Се одржа состанок со дипломатски претставници на Кореја и ни беше предадено барање за екстрадиција на До Квон и неговиот роднина. Барањето за екстрадиција на До Квон дојде и преку дипломатски канали од САД. Доколку друга земја побара екстрадиција, јавноста ќе биде навремено информирана“, објасни Ковач на крајот на март.

До Квон официјално е баран за злосторничко здружување. Светските медиуми пишуваат дека се сомничи измама од 40 милијарди долари, по пропаѓањето на токените terra и luna минатата година.