Историско манчестерско финале на ФА Купот

Во финалето на 142-то издание на англискиот ФА Куп, најстарото фудбалско натпреварување на светот, ќе се соочат Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед.

Откако „Граѓаните“ во првото полуфинале во саботата сигурно со 3:0 на лондонски „Вембли“ го совладаа второлигашот Шефилд Јунајтед, „Црвените ѓаволи“ во неделата дури по подоброто изведување на пеналите го елиминираа Брајтон енд Хоув Албион.

По регуларните 90, па ниту по дополнителни 30 минути во неделата на „Вембли“ немаше погодоци, па победникот беше решен со пенал-рулетот и притоа со 7:6 беше посчреќен или поуспешен Манчестер Јунајтед.

Сите први 12 изведувачи беа сигурно, а тогаш Салеј Марч го префрли голот за Виктор Линделоф да биде сигурен за пласман на Јунајтед во големото финале.

Ова ќе биде првпат во финалето на ФА Купот да се сретнат два клуба од Манчестер. Јунајтед на 3-ти јуни ќе ја бара својата 13-та титула во ова натпреварување, прва по 2016 година, додека Сити ќе се обиде да дојде до седмиот трофеј, а последниот пат тоа го оствари во 2019 година.