Што нуди Словенија за студирање…

Словенија е атрактивна дестинација за високо образование меѓу македонските средношколци и студентите кои сакаат да запишат додипломски, магистерски или докторски студии.

Образовниот систем во оваа држава, членка на Европската унија, најчесто го истражуваат оние кои бараат квалитетно, применливо и признато образование. Тие може да ги истражуваат студиските програми на вкупно 39 универзитети со 565 студиски програми на сите нивоа на студии. Македонските студенти се изедначени со своите словенечки колеги во однос на критериумите за упис на студии. Дополнителна придобивка е и тоа што македонските студенти имаат право на бесплатни студии.

Оние кои веќе се запишале на некој од факултетите во Словенија потенцираат дека имаат одлични услови за учење и се исклучително задоволни од можностите за иден кариерен развој што ги нуди оваа земја. Впрочем, словенечкиот образовен модел е дизајниран да  обезбеди успех за студентот во сите циклуси од студирањето.

„Словенија има образовен систем кој се вбројува меѓу најдобрите во Унијата. Универзитетите се отворени за странски студенти и непознавањето на словенечкиот јазик на почетокот не претставува препрека за активно вклучување во образовниот процес. Генерално, факултетите во првата година од студиите се толерантни за слабото познавање на словенечкиот јазик, што е разбирливо. За таа цел, факултетите се подготвени да понудат бесплатен курс по словенечки јазик за странските студенти. Дополнително во споменатиот едногодишен период, професорите посветуваат дополнително време на студентот кој за прв пат се среќава со словенечкиот јазик, да му овозможат исти можности како и за словенечките студенти. Имаме и некоја предност во однос на студентите од западните европски држави, бидејќи македонскиот и словенечкиот јазик се од истото јазично семејство, а мнозинството Словенци течно зборуваат некој странски јазик, како што се англиски, германски или италијански јазик. Дополнително, лесно се разбираат и на хрватски, српски, бошњачки, дел поради тоа што во минатото го користеле во рамки на поранешната заедничка држава, дел поради тоа што емиграцијата која ги користи овие јазици е многубројна во Словенија. Што значи лесно и со малку напор, студентите можат да се вклучат во студентскиот и во општествениот живот во Словенија“, вели Игор Трајановски, докторант на Факултетот за општествени применети студии во Нова Горица, чија приказна е особено интересна затоа што докторските студии му отворија нова можност за кариерен развој. Овој факултет е основан во 2006 година со визија да стане еден од влијателните и водечки европски центри во избраните области на општествените науки.

Трајановски неодамна се пресели во Словенија, каде беше избран за асистент од областа на политичките науки на Факултетот за информатички студии – ФИШ во Ново Место.

„Да се излезе од комфорната зона не е лесен процес, но кога знаеш дека токму тоа ќе донесе позитивизам во твојот живот, не размислуваш за одлуката. Така беше и со мојата одлука да студирам на Факултетот за општествени применети студии. Моето образование го продолжив на магистерските студии од областа на Интеркултурниот менаџмент“, вели Викторија Насевска.

Според неа, до ова ја довеле предизвикот и желбата да дознае како функционираат работите во меѓународна средина, кои се предизвиците со кои се соочуваме кога дејствуваме во средина со културна различност, како да ги разбереме вредностите на другите култури и да ги урнеме стереотипите, како да ја подобриме комуникација во една интеркултурна средина и да бидеме дел од сето тоа.

„По една година, задоволството и среќата да бидам дел од овој факултет се големи. Знаењето кое доаѓа од професори кои се врвни во она што го работат е непроценливо, нивниот пристап, кој пред се се фокусира на практиката и она со што секојдневно се среќаваме, а не само на теоријата и тоа како би требало да биде, ја доловува реалната слика. Решавањето на конкретни проблеми кои не опкружуваат секојдневно на нашите студии, работно место или средината во која живееме, поткрепено со теоретското знаење е навистина нешто што секој студент би посакал да го има во своето факултетско искуство“, додава Насевска.

Факултетот располага со врвни професори од Словенија, но и од надворешноста, професори кои несебично го пренесуваат своето знаење и се достапни за студентите. Исто така, факултетот располага со современа технологија, која на студентите им овозможува следење и интерактивно учество во студиите, како и исполнување на испитните обврски од која било локација во светот.

„Целокупната слика ја надополнуваат сите можности кои државата ги нуди за студентите. Тука можам да ги споменам субвенциите за храна и автобуски превоз од страна на државата, како и одличната организација на процесот на вработување на студентите, преку студентскиот сервис. Едноставно кажано, Словенија и ФУДШ се Вашиот избор доколку сакате да се развивате на приватен и професионален план во правилна насока, од која верувајте ми, нема да се покаете и да сакате да се вратите назад, бидејќи овој факултет е одлична поткрепа и отскочна даска за сите млади во океанот на врвни професионалци!“, завршува Насевска.

Можеби најголемата предност и за двата факултети е што нудат можност за студии од далечина и за прв циклус. Сепак, кога се носи одлуката, треба да се земе предвид дена животот на студент во Словенија е живот со бројни попусти и студентски понуди. Можеби најважната од која треба да се почне е прифатливите цени за сместување. Односно, како предност за студентите кои се преселуваат на некоја од студиските програми од првиот циклус, имаат опции за евтино сместување во студентски домови. Дури и становите кои приватно се изнајмуваат на студенти се со слични цени како и во Македонија. А, не ретко родители знаат да се пофалат дека помалку трошат за студентот во Словенија отколку за средношколецот во Македонија. Студентите имаат попусти од речиси 80 отсто од редовните цени во одредени ресторани. Попусти се нудат на студентите и за членарини за спортски активности, а за викендите имаат можност за прошетки во природа, возење велосипед или едноставно одмор на некое од многубројните излетнички места во Словенија.