Во Турција уапсени 110 лица поради наводна поврзаност со тероризам

Турските власти приведоа 110 лица поради наводна поврзаност со тероризам, вклучително и претставници на прокурдската опозициска Демократска партија на народите, соопштија денеска турските медиуми и претставници на партијата.
Притворите доаѓаат помалку од три недели пред да се одржат претседателските и парламентарните избори во Турција.
Неодамнешните анкети укажуваат на тесна трка меѓу актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган и главниот опозициски лидер Кемал Киличдароглу. Прокурдските гласачи ќе играат клучна улога во гласањето, покажуваат резултатите од анкетите.
Во полициските рации во 21 град и провинција, вкупно 110 лица беа приведени поради наводни врски со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), јавува Aнадолија.
Обвинителите во југоисточниот град Дијарбекир ги обвинуваат осомничените за финансиска поддршка на ПКК и за создавање терористичка пропаганда.
„Меѓу уапсените се и заменик-претседателот на Демократска партија на народите, Озлем Гундуз и други членови на партијата“, изјави портпаролот на партијата. Меѓу приведените има и адвокати, застапници за права и новинари, се вели во соопштението на адвокатската комора на Дијарбекир на Твитер.
Демократска партија на народите е втората по големина опозициска партија во Парламентот и се соочува од судски спор со кој се бара нејзино затворање.
Ердоган ја обвинува Демократска партија на народите дека е продолжение на ПКК, која е забранета во Турција, ЕУ и САД. Од партијата ги отфрлаат обвинувањата.