Со маски на лицата, капчиња и качулки за да ги скријат нивните лица, група членови на Златна зора, упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде што е во тек изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, јави дописничката на МИА од Атина.
Во објавено видео на т.н „Фронт на подмладокот – Златна зора“ се тврди дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“ и се додава дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, па затоа морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
На влезот од галеријата залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.
– Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците, пишува на плакатот.
Златна зора како политичка партија во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, а со судска пресуда од 2020 година е прогласена за криминална организација и нејзиното раководство, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворска казна.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски беше свечено отворена во петокот во Солун, во присуство на голем број посетители.
Настанот го потврдија и од македонското Министерствто за надворешни работи.
„Синоќа во Солун, за време на изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, во галеријата упаднале група маскирани луѓе, кои со непристојно и вулгарно вербално однесување се обиделе да предизвикаат прекинување на изложбата, по што си заминале.
Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот.
За инцидентот известени се и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапија во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи.
Во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите“, соопштија од МВР.