Министерството за надворешни работи ја повика денеска грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду на која и се упатени очекувањата од Грција, да бидат преземени сите мерки за откривање и за процесирање на сторителите кои на синоќешната изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски во Солун упаднале со маски на главите и демонстрирале непристојно и вулгарно вербално однесување, поради што изложбата била прекината а тие си заминале. Не била направена материјална штета и не била манифестирана физичка сила и насилство, стои во соопштението на македонското МНР.
Остро реагираше Обединетата македонска дијаспора која го осуди упадот на како што наведуваат , десетина лица облечени во црно од екстремно десничарската група „Златна Зора“ на изложбата каде биле изложени делата на уметникот Андреевски. Според ОМД, златнозорците го малтретирале уметникот и персоналот во општинската галерија Ремецо во областа Каламарија и наредиле да се симнат изложените слики.
На влезот од галеријата залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.
– Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците, пишува на плакатот.
Во однос на упадот на маскираната група од Златна зора, портпаролот на грчаката Влада Акис Скерцос-на денешниот брифинг со новинарите изјави дека нема толеранција за нацистички групи.
Акис Скерцос – портпарол на грчката Влада – Не постои никаква толеранција за т.н. правоени нацистички групи, никаква толранција за беззаконието, никаква толеранција за заплашувањето на грѓаните.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски била отворена на 21-ви април и требало да трае до 29-ти.
Златна зора како политичка партија во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, а со судска пресуда од 2020 година е прогласена за криминална организација.