Четврто издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“

Организаторите предвидуваат најквалитетна музичка понуда досега

Четвртото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во организација на дискографската куќа „ПМГ Џез“ ќе биде отворено на 18 мај. Трите фестивалски вечери ќе се случуваат на малата сцена во Македонската филхармонија и во Младинскиот културен центар. Организаторите предвидуваат најквалитетна и најразновидна програма досега и неколку промоции на нови музички изданија. Фестивалот е дел од програмата за размена на фестивали („FEX-Festival Exchange“) на европскиот проект „МОСТ“ за развој на сцената на светска музика на Балканот, и соработува со еден од најрелевантните промотери на музика во земјава – „Аудиокултура“.

Во четврток на 18 мај, во 20 часот на малата сцена во Филхармонија, фестивалот ќе биде отворен со настап на Дамир Имери Трио (Р.С. Македонија), тивка легенда на современата македонска музика. Тромбонист и мултиинструменталист, човек кој првите десетина години од својот работен век ги минува во МРТ, каде соработува со уметници од форматот на Драган Ѓаконовски – Шпато, Александар Џамбазов, Илија Пејовски… Настапувал на сите музички сцени низ земјава и соработувал со истакнати светски познати музичари: Душко Гојковиќ, Реј Чарлс и Џани Басо. Во триото, покрај него, членуваат и Ади Имери и Александар Ванчовски. Мајсторски третираат современ џез според сопствените афинитети и се добро познати во пософистицираните музички кругови.

Истата вечер, на фестивалот ќе настапат и Перфорто (Perforto) од Полска, со Ола Ржепка на пијано и Лукаш Марчинијак на електрична гитара. Гостувањето на Перфорто на „Крај Вардарот Џез Фестивал“ е поддржано во рамките на европскиот проект „МОСТ“ во програмата за размена на фестивали и се реализира во соработката со Катовице ЏезАрт Фестивал од Полска.

Перфорто е жичано дуо за електрична гитара и пијано, а користат и дополнителни инструменти од дрво, метал, хартија и други материјали. Во импровизацијата ги истражуваат физичките карактеристики на звукот, како што се висината, темброт, интензитетот и неговите последици во временска линија. Интензивно, деликатно, продорно и радикално музичко доживување.

Во петок на 19 мај, во 19 часот, во лобито на кино Фросина – МКЦ во рамки на „Крај Вардарот Сесии со Аудиокултура“ ќе биде промовирано најновото винил издание на ПМГЏез, компилацијата „Крај Вардарот Џез Vol.2“.

Од 21 часот во киното Фросина ќе се реализираат два концерти, на Букршлиев/Томевски и Кондовски/Дробицки (Р.С. Македонија). Соработувајќи долги години како композитори и изведувачи во повеќе македонски џез ансамбли, Филип Букршлиев и Благојче Томевски успеаја да развијат телепатска вештина за музичка комуникација, благословена од необичната звучна палета, формирана од инструментите што ги користат: бас кларинет и гитара. Во оваа прилика ќе го промовираат материјалот од албумот „Something Lonely in the Bone“ (ПМГЏез, 2023 година). Настапот на „Кондовски/Дробицки“ е логична прогресија на нивните чести соработки, што резултираше со неколку изданија на ПМГЏез. Владан Дробицки (тромбонист) е еден од водечките џез музичари во земјата, додека Глигор Кондовски (виолина, електроника) исцртува езотерична фигура, лизгајќи се помеѓу класика, експеримент, џез, фотографија и филм.

Во сабота, во денсинг салата на МКЦ, во 21 часот ќе настапат „Ларта“ (Р.С. Македонија), проектен состав на тапанарот Дино Милосављевиќ, кој, минатата година за „ПМГ Џез“ издаде прв самостоен албум „Fragments“, во соработка со долгогодишните пријатели Ѓоко Максимовски – бас, Васко Бојаџиски – саксофон и Владан Дробицки – тромбон. Милосављевиќ е еден од најистакнатите тапанари во регионов. Соработува со врвни и познати музичари и уметници, како „Сетстат“, „Кабадајас“, „Алшар“ – проект на Никола Коџабашија, „Беневентан трио“ и „Инфјус“. Милосављевиќ е еден од основачите на „Skopje Drum Talks“, првото здружение за едукација и поддршка на тапанари во земјава.

Фестивалското издание ќе се заокружи со ѕвездите на фестивалот „Чуи“ (Chui) од Хрватска, загрепски квартет, чија визија е спој на џез со современа клупска танцова музика, електроника и рокенрол. Уште со првиот албум од 2012 година, обезбедија култен статус на хрватската музичка сцена. Во 2017 снимија албум со џез оркестарот на Хрватската Радио Телевизија и композиција со легендарната дива Јосипа Лисац.

https://www.youtube.com/watch?v=WJ_V8c7R7ZU

Досега имаат издадено 6 студиски албуми.  Седум пати се закитија со најпрестижната хрватска музичка награда „Порин“ во различни категории, и четири пати со наградата на независните музичките новинари Рок&Оф. Работат и музика за театар и за филм. Чуи ќе настапи во состав Тони Старешиниќ (клавијатури и електроника), Војкан Јациќ (саксофон и електроника), Иван Левачиќ (тапани) и Конрад Ловренчиќ (бас). Досега имаат настапувано на сите големи џез и рок фестивали низ Хрватска и Европа. Хрватската музичка критика ги доживува како моментално главна концертна атракција во нивната земја.

За затворањето на фестивалот, по 23 часот предвидена забава со ПМГЏез диџеј сет на Мирко Попов, во лобито на киното Фросина.

Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија. Фестивалот се реализира во соработка со МКЦ и Филхармонија, а негови партнери се Аудиокултура и Божиновски часовници и накит.