Ф1: Верстапен победи на трката за Големата награда на Мајами

Актуелниот светски шампион во класата Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул победи ноќта кон понеделникот на Големата награда на Мајами, петта трка во сезоната, иако стартуваше од деветтата позиција.

Во Мајами продолжи доминацијата на болидите на Ред Бул. Во петтата трка сезонава, пилотите на Ред Бул ја остварија петтата победа.

Тоа беше трета победа сезонава за актуелниот светски шампион и лидер во генералниот пласман, додека неговиот тимски колега од Мексико Серхио Перез славеше на преостанатите две трки.

Верстапен стигна до својата 38-та победа во кариерата откако стартуваше од деветтата позиција. Втор беше Перез со заостанување од 5,38 секунди, додека третото место го освои Шпанецот Фернандо Алонсо во болидот на Астон Мартин со 26,3 секунди заостанување. Четврти беше Британецот Џорџ Расел во Мерцедес (+33,2), петти беше Шпанецот Карлос Саинц во Ферари (+42,5), додека Британецот Луис Хамилтон во Мерцедес заврши како шести (+51,2).

Во улична трка околу НФЛ стадионот на тимот на Мајами Делфинс, Перез ја освои најдобрата стартна позиција во квалификациите во саботата, додека Верстапен беше само деветти. Перез без проблем го задржа првото место, а на втората и третата позиција успеаја да се задржат и Алонсо и Саинц.

Верстапен полека го пробиваше патот до врвот, тој беше четврти по девет круга. Втората позиција ја зазеде во 15-от круг, а потоа поведе во 21-от круг, но пред него беше влезот во боксот. Верстапен конечно стигна до врвот во 47-от од 57-те круга и не го испушти до крајот на трката.

До крајот на трката немаше промени на врвот и Верстапен убедливо победи пред својот тимски колега Перез, додека Алонсо стигна до уште еден победнички подиум.

„Тоа беше добра трка, избегнав проблеми на стартот, а потоа имав чиста трка. Можев да останам надвор на тврдите гуми долго време, и тоа ја направи разликата. На крајот успеав да го претекнам и Перез многу сум среќен поради оваа победа. Вчера имаше премногу проблеми, но оваа победа е многу задоволувачка“, изјави Холанѓанецот кој и минатата година славеше во Мајами.

Перез му честиташе и на Верстапен за заслужената прослава.

„Дадов сѐ од себе, но тоа беше заслужена победа за Верстапен. Мислам дека гумите беа многу лоши на почетокот, полоши од очекуваното. Морам да анализирам што тргна наопаку”, додаде Перез.

За Шпанецот Алонсо ова беше четврти подиум сезонава, а дури 102-ри во кариерата. Сите четири пати беше трет.

„Болидот беше неверојатен, тоа беше малку осамена трка. Очекувавме посилен отпор, но денес Ферарите беа полоши од очекуваното. Се надеваме дека ќе можеме да продолжиме вака. Сакаме повеќе, барем второ место, можеби Монако, можеби Барселона имаме можност“, потенцира поранешниот двократен светски шампион.

Во генералниот пласман на Светското првенство води Верстапенс со 119 бодови, втор е Перез со 105 бодови, додека Алонсо е на третото место со 75 бодови.

На листата на конструктори убедливо води Ред Бул (224) пред Астон Мартин (102) и Мерцедес (96).

Следната трка е ВН Емилија Ромања во Имола на 21-ви мај.