Близу две децении Живко Мукаетов е на чело на скопски „Алкалоид“. Бројни беа предизвицитe за време на речиси 90-годишното постоење на компанијата, вели Мукаетов, но едно е константа – инвестициите. „Алкалоид“ денес има повеќе од 2000 вработени, од кои 600 надвор од границите на Северна Македонија. Со инвестиции поголеми од 104 милиони евра во последните пет години, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан ја прогласи оваа компанија за водечки инвеститор во регионот. Мукаетов е претседател на Ракометната федерација на Македонија и голем покровител на спортот.
Ви пренесуваме дел од интервју на Мукаетов за Al Jazeera:
Македонското општество помина многу турбуленции во последните години. Вие менаџирате со „Алкалоид“ долги години. Што е тоа што Вие би му го порачале на менаџментот на оваа држава? Како да се тргне напред?
Ние, за жал, имаме ситуација на едно политизирано општество, на општество кое е разделено на табори. Нашата политика сите овие триесетина години не покажа капацитет да развива една држава, модерна, една држава која би била капацитативна, која би била конкурентна на многу полиња. И, за жал, таа доминација на политиката версус она што е еден нормален развој на една држава ја чувствуваме во сите пори на општеството.
Ние имаме објективно многу послаб образовен систем од она што беше при преминот од старата во новата држава. Имаме еден здравствен систем кој сите го чувствуваме дека не е како што треба. Имаме една кадровска политика каде што во администрацијата се оди строго на квантитет, а не на квалитет; каде што сме сите заглавени во бирократските лавиринти на комбинациите меѓу партиите, од една страна, и сите административни ентитети и сето тоа на крај се одразува наместо да имаме некој ветер во грб како бизнис-заедница, да ги развиваме луѓето и компаниите и да се глобализираме, ние доста време, за жал, трошиме на разни сопки кои ни се случуваат во сите сфери на она како државата функционира секојдневно.
Она што е огромен проблем е и масовното иселување на младите. Како овој одлив на мозоци ве погодува како фирма, како „Алкалоид“, и што треба да се направи за да се сопре овој тренд?
Искрено да ви кажам дека ако разговаравме пред 10 години, јас ќе ви кажев дека најголем предизвик за „Алкалоид“ се продажбите. Денеска со полна одговорност тврдам дека најголем предизвик за нас е како да ги задржиме квалитетните луѓе тука, во компанијата, како да ги мотивираме, што сѐ треба да направиме за она што е визија за раст на „Алкалоид“ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри. Ние влеговме во доста проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата.
Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни додатни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет.
Целото интервју на Мукаетов за Al Jazeera, погледнете го во продолжение: