Украинскиот претседател Володомир Зеленски побара во вторникот од Европската унија да донесе одлука за отворање на пристапните преговори со неговата земја, откако во Киев беше домаќин на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен,
Претседателката на Комисијата допатува во вторникот утрото во Киев во симболична посета на Денот на Европа за да ѝ искаже поддршка на Украина.
„Одамна дојде времето да се тргне таа вештачка политичка несигурност во односите меѓу Украина и ЕУ. Дојде моментот да се донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со фон дер Лајен.
Побара од ЕУ и да ги забрза испораките на оружје и муниција, како и да ги укине ограничувањата на увозот на житарки коишто на Украина ѝ ги наметнаа нејзините источноевропски соседи членки на Унијата, порачувајќи дека ограничувањата се „апсолутно неприфатливи и свирепи“, како и дека Киев очекува „силни одлуки“ на Европа да ги укине.
На шефицата на ЕК ѝ појасни дека рестрикциите на украинскиот извоз само дополнително ќе ги засили капацитетите на руската страна. Ограничувањата го оцени како „остри и протекционистички“ и рече дека одат во полза на Русија.
Европската комисија минатиот вторник, привремено до 5-ти јуни, го забрани увозот на пченица, пченка, маслодајна репка и сончоглед од Украина во пет земји членки на ЕУ, со тоа што овие производи и натаму ќе може да минуваат низ тие земји и ќе бидат во слободна продажба во сите други членки, како и во натамошен извоз.
ЕК наведува дека станува збор за „привремена, превентивна мерка“, којашто е неопходна имајќи ги предвид исклучителните околности на сериозни тесни грла во петте земји членки: Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка.
Зеленски ги нападна овие пет земји, велејќи дека тој потег „е разочарувачки во време на војна“.
Фон дер Лајен ја оцени ситуацијата како „тешка“ и додаде дека приоритет е транзитот на житарки од Украина кон ЕУ да се одвива транспарентно и по колку е можно пониска цена.
Во врска со артилериската муниција, Зеленски ѝ се заблагодари на фон дер Лајен на одлуката Европската унија во следните 12 месеци на Украина да ѝ обезбеди милион гранати, но бара муницијата да биде испорачана побрзо од најавеното.
„Веќе ни се потребни на боиштето“, рече Зеленски.