Неуспешен дефокус од вистинските случувања со Филхармонија

Македонската филхармонија остро реагира на тенденциозните и некоректни написи објавени на дел од интернет порталите во државата, во врска со одржувањето на конвенцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во големата сала на објектот. Од Филхармонија посочуваат дека салите во зградата редовно се изнајмуваат за различни типови настани (концерти, конференции, политички собири и др.), и не е прв пат некоја политичка партија или здружение да одржи свој собир или конвенција со плаќање на финансиски надомест. Стопанисувањето со салите на Македонска филхармонија е дел од редовната пракса на работа на Филхармонијата и еден од главните начини за дополнителни приходи, откако Министерството за култура значително го скрати буџетот.
Како примери за слични вакви настани одржани во Филхармонија може да се наведат политичкиот собир на Демократската Унија на Албанците во 2019 година, промоцијата на публикацијата „Моето патување во Фантазија“ во 2022 година, на кој се обрати и тогашниот премиер Зоран Заев, НАТО конференцијата за комуникатори во 2022 организирана од Министерство за одбрана, настанот за одбележување на првата година од членството во НАТО, три настани во 2022 во организација на кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, свечен прием на МНР по повод 30 години дипломатски односи со Хрватска, собир на Демократската партија на Турците, настан на Управата за јавни приходи, настан на Заводот за статистика по повод објавувањето на резултатите од пописот, настан во организација на Клиниката за гинекологија и акушертство и многу други. Дел од овие настани, бидејќи се сметале за настани од државен интерес биле организирани без надомест од државата, само врз основа на известување од Министерството за култура.
Филхармоничарите потенцираат дека ваквите текстови во врска со комерцијалното издавање на објектот претставуваат само неуспешен дефокус од вистинските проблеми во моментов, односно одлуката без преседан на Министерството на култура принудно да го „вдоми“ новоформираниот Национален џез-оркестар во зградата на Филхармонија, односно наметнувањето на паралелно функционирање на две национални установи под еден покрив.


„Случувањата во Македонска филхармонија немаат никаква врска со политиката, туку со некоректниот однос од Министерството за култура. И порано и сега, а и во иднина салите на Филхармонија се изнајмуваат за организирање општествено, културно или музички настапи во организација на стопански субјекти, организации, политички партии и секој што својот настан ќе го прилагоди стандардите, типот и статусот на институцијата и тоа што го претставува. Комерцијалната причина да се изедначи со политика е само некоректен обид да се сврти вниманието од основиот проблем – наметнувањето на Министерството за култура да вдоми две национални установи под еден покрив, односно во филхармониската зграда“, истакнуваат од Филхармонија.
Раководните луѓе на Филхармонија нагласуваат дека објектот мора да се изнајмува, бидејќи се неопходни дополнителни средства за нормално да функционира националната институција.
„Министерството на култура постојано ни го крати буџетот, поради што нема доволно пари за спроведување на програмските активности на Филхармонија и за одржување на зградата. Токму од овие причини сме приморани да ги изнајмуваме салите. Минатата година кога ни скратија голем дел од буџетот, од нашата сметка моравме да платиме гостувања на солисти, диригенти, хорови. Ги плаќаме сите надворешни соработници, голем дел од нив се музичари во оркестарот чии места недостигаат, а нови вработувања нема. Висока ставка плаќаме и во делот за инвестиции, тековно одржување и поправки, за што се грижиме домот да биде функционален. Од сопствена сметка плаќаме и кирија за инструментите, понекогаш и набавка на некој инструмент, поправка на инструменти, што е висока ставка. Исто така, со тие пари вршиме и набавка на техничка опрема за потребите на административниот дел, набавка на потрошен материјал, покриваме трошоци за нотен материјал, што исто така е висока ставка“, нагласуваат од Филхармонија, од каде додаваат и дека средствата од издавање на салите се користат и за финансирање на повремените гостувања во странство и дека токму со овие пари оркестарот наскоро ќе има свој настап во Дубровник.
Неодамнешната одлука на Министерството за култура, новиот Национален џез-оркестар да биде „вдомен“ и институционално да работи во нивниот објект ги остави затечени вработените и раководството на Филхармонија, кои сметаат дека владината одлука ќе резултира со „повеќе штета отколку полза“ за двете институции. Тие се убедени и дека „два оркестра не можат да функционираат под еден покрив“, дека „никаде во светот не се сместени заедно филхармониски и џез-оркестар“, дека „зградата е дизајнирана за Филхармонија“, како и дека „одлуката е донесена без никаква консултација со кого било од Филхармонија.
„Крајно сме загрижени дека буквалното ‘втурнување’ на уште еден оркестар чија работа секогаш сме ја поддржувале, сепак, ќе значи загрозување на интегритетот на македонската филхармонија од аспект на секојдневно функционирање на двата субјекти. Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред се на оркестарот на Македонска филхармонија чии вработени ги извршуваат работните задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата) кои се наоѓаат во објектот “, сметаат вработените во Филхармонија.