СДСМ сметаат дека нема основа првоосомничениот во случајот „Претседавач“, Мирослав Шиповиќ се уште да биде во притвор, откако истрагата за криминалот е завршена.
„Не постои ниту еден правен основ за претседателот на Советот на Општина Центар и соработниците да се во притвор. Ниту можат да го повторат делото ниту да влијаат на истрагата. Шиповиќ не само што нема намера да бега, туку самоиницијативно предвреме се врати во Македонија. Дополнително, раководството на СДСМ понуди сопствен имот како уште една гаранција дека намерата на Шиповиќ е во судска постапка да ја докаже својата невиност“, вели потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски..
Во СДСМ, како што истакна Манчевски, цврсто се убедени дека претседателот на Советот на Општина Центар и неговите соработници не се виновни. Затоа, уште еднаш апелираат да им се дозволи да се бранат од слобода и својата невиност да ја докажат во нормален судски процес.