Турција е сè поизвесно дека ќе оди на втор круг претседателски избори. Реџеп Таип Ердоган е во водство во однос на Кемал Киличдароглу, но актуелниот претседател падна под 50 отсто гласови (49,76 отсто) додека кандидатот на опозицијата има 44,49 отсто по обработени над 95 отсто од гласачките ливчиња на општите избори што се одржаа денеска, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Турција денеска гласаше на претседателски и парламентарни избори. Главен ривал на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, единствен кандидат на Републиканскиот сојуз, е единствениот кандидат на опозицискиот „Народен сојуз“, Кемал Киличдароглу. На изборите за претседател учествуваше и кандидатот на сојузот Ата, Синан Оган. Четвртиот кандидат, кој е лидер на партијата Мемлекет, Мухарем Инже најави повлекување на кандидатурата на три дена до изборите, меѓутоа неговото име остана на гласачките ливчиња.
Вторкиот круг ќе биде одржан на 28 мај, доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто гласови.
Каде води волјата на Турција
Граѓаните на Турција денеска одлучуваа не само кој ќе ја води земјата, членка на НАТО од 85 милиони жители, туку и како ќе се управува со неа и како ќе изгледа нензината непредвидлива надворешна политика. Гласачките места беа отворени во 8 часот изутрина, а затворени во 17 часот по македонско време.
Ердоган, за кого медиумите во текот на денот јавија дека е во Анкара, вечерва изненадувачки се појави во Истанбул. Тој ги поздрави граѓаните на излегување од неговата резиденција во истанбулскиот кварт Ускудар.
Во текот на вечерта, медиумите излегоа и во првичните резултати кои упатуваа на блага предност на Ердоган, по што околу 21 часот се јави Киличдароглу. Тој на социјалните мрежи напиша „Фикцијата, која почна со 60 отсто, сега падна под 50 отсто. Набљудувачите на гласачките ливчиња и официјалните членови на избирачките одбори, никогаш не треба да ги напуштаат своите места. Нема да спиеме ноќва, луѓе мои“.
Она што е сигурно на денешните избори во Турција е големата излезност. Половина час пред затворање на гласачките места беше забележана излезност од 85,1 отсто на граѓани.
Ердоган води во 9 од 11-те области кои ги погодија катастрофалните земјотреси
Изборите во Турција доаѓаат по катастрофалните земјотреси што го погодија југот на земјата, а резултатите во тие 11 области засега се повторно во корист на Ердоган и покрај сомнежите за корупција при градење на згради кои колабираа и буквално се претворија во пепел при земјотресите. Природната катастрофа однесе над 50.000 животи, но Ердоган засега води во девет провинции од погодените области.
Клучен за вториот круг може да биде третопласираниот кандидат на крајната десница, Сина Оган кој изненади со добриот скор и освоените над 2,7 милиони гласови односно 5,3 отсто. Мухарем Инже се откажа од трката, но, сепак, освои околу 230.000 гласови, затоа што неговото име остана на избирачкото ливче.
Турција ја чека новата реалност. Ердоган не победи во првиот круг и за првпат целата држава ќе мора да се соочи со изборни активности на долгогодишниот владетел и неговиот ривал во таков изборен циклус. Се очекува и продолжение на црната кампања на која досега големи жртви беа кандидатите на опозицијата, за кои беа правени фотомонтажи и дипфејк видеа за да бидат дискредитирани во изборната битка со дводеценискиот владетел.
Кои се изборните правила во Турција?
Турција има 64 милиони граѓани со право на глас. Тие уфрлаат гласачки ливчиња во две кутии – во една одат ливчињата со заокружено име на претседателски кандидат, а во другата со заокружени партии чии претставници ќе бидат во парламентот.
Турскиот парламент брои 600 пратеници, а цензусот е поставен на седум отсто. За мнозинство во парламентот, нормално, е потребно една партија да освои 301 мандат, додека на изборите за претседател се оди на втор круг доколку двајцата водечки кандидати имаат помалку од 50 отсто освоени гласови.