Германија: Медицински техничар осуден за двојно убиство на пациенти

Покраинскиот суд во Минхен осуди во понеделникот медицински техничар на доживотна затворска казна поради убиство на двајца пациенти и обид за убиство на уште шест други.

„Вашата задача била да помогнете во лекувањето , а ви сте го сториле токму спротивното“, изјави претседателот на судскиот совет Норберт Ридман образложувајќи ја пресудата за 27-годишниот здравствен работник.

Судот на медицинскиот техничар му пресудил затоа што на пациентите им давал средства за смирување кои довеле до смрт во два случаи, кај пациенти на возраст од 80 и 89 години. Во шест други случаи пациентите преживеале.

Како мотив за убиствата, медицинскиот техничар навел дека „сакал да има мира“ за спиење и играње игри на мобилниот телефон. Во текот на судењето рекол дека „би продолжил со истата практика“ доколку не бил откриен.

Судскиот совет во пресудата ја навел посебната тежина на вината, што исклучува предвремено пуштање на слобода во текот на издржување на доживотната казна, којашто во Германија изнесува 15 години.

Судот го одбил барањето на обвинителството по отслужувањето на казната над осудениот да бидат спроведени посебни заштитни мерки кои би спречиле натамошни злосторства, но изрекол доживотна забрана за работа во медицински установи.