Кога ќе стигнете до финалето на Лигата на шампионите, мора да славите. Играчите беа извонредни, изјави тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, по победата од 4:0 против Реал Мадрид и пласманот во финалето на Лигата на шампионите.
Откако првиот меч во Мадрид заврши 1:1, Сити целосно го надигра Реал Мадрид со 4:0 во реваншот на својот „Итихад“. Два гола постигна Бернардо Силва во 23 и 37, а мрежата на гостите од Мадрид ја погодија и Милитао (автогол) во 76 и Алварез во 90+1 минута.
„Од првата минута имавме чувство дека момчињата се подготвени. Тие беа мирни, се шегуваа, па јас не почувствував тензија или нервоза. Чувствував дека сме подготвени за настап“, изјави Гвардиола за BT Sport.
„Кога ќе стигнете до финалето на Лигата на шампионите, мора да славите. Играчите беа извонредни. Беше болно минатата сезона (губење од Реал Мадрид во Лигата на шампионите). Луѓето зборуваат за недостиг од карактер кај овие играчи, но ние покажавме каква посебна група играчи е тоа“, додаде тој.
Играч на натпреварот очекувано беше двојниот стрелец Бернард Силва.
„Ова е прекрасна ноќ за нас. Знаевме дека ќе биде тешко, но да се победи овој тим од Мадрид со 4:0 на домашен терен, прекрасно е чувството да се биде повторно во финалето. Се надеваме дека ќе можеме да победиме овој пат”, изјави Силва за BT Sport.
„Не се чувствував добро по првиот натпревар. Вечерва морав да се обидам да играм подобро за моите соиграчи и навивачите“, додаде тој.
Стратегот на Реал, Карло Анчелоти, му честиташе на својот ривал за заслужената победа.
„Сити одигра подобро и заслужи да помине. Навистина нѐ притиснаа на почетокот на натпреварот и тоа го отежна градењето на играта што ја посакувавме. Да се оди во длабока анализа денеска не е разумно. Ова е многу болен пораз, но тоа се случува во фудбалот. Доаѓате до полуфиналето на Лигата на шампионите и ако толку силен противник игра подобро од вас, тогаш останувате без пласман во финалето“, изјави Анчелоти.
„Време е да научиме од ова, да размислуваме за следната сезона и да се подобриме. Минатата сезона бевме способни да ги победиме и да стигнеме до финалето. Овојпат на ред дојде Сити“, додаде италијанскиот стручњак.
Најдобар играч кај шпанскиот великан беше голманот Тибо Куртоа.
„Голем проблем беше што не успеавме да создадеме своја напаѓачка игра, а кога не создававме шанси, Сити се чувствуваше сѐ попријатно“, изјави Белгиецот.
„Мислам дека начинот на кој започна Сити не беше изненадување за нас, очекувавме притисок и дека нема да ни дозволат лесно да играме со топката. На полувремето бевме уверени дека можеме да го свртиме натпреварот, но не бевме свежи и прецизни во додавањето. Ваков пораз боли“, додаде тој.