Расипано славјето на Барса, победа на Сосиедад на „Камп Ноу“ по 32 години

Фудбалерите на Реал Сосиедад го расипаа славењето на Барселона на освоената титула во шпанското првенство, со победата од 2:1 остварена на „Камп Ноу“.

Баскискиот тим од Сан Себастијан 32 години немаше победа над Барселона на гостински терен, или воопшто во 24-те последователни натпревари кои ги загуби. Но во саботата ноќта дојде конечно до триумф, кој на Реал Сосиедад многу му значи во борбата за пласман во Лигата на шампионите.

Веќе во 5 минута гостите дојдоа во водство, кога Норвежанецот Александер Сорлот на средината од теренот му ја украде топката на невнимателниот Кунде, се стрча кон противничкиот гол и нафрли во средината на шеснаесетникот каде што беше осамен Микел Мерино кој лесно ја пласираше топката во мрежата на Барса. Во 72 минута Сорлот беше реализаторот, а му асистираше Мартин Зубименди. Иако Барселона, особено во вториот дел, создаде бројни шанси, дури во 90 минута Роберт Левандовски успеа да го ублажи поразот.

За Барселона ова беше само четвртиот првенствен пораз сезонава, па останаа на 85 бодови, 14 повеќе од вториот Реал Мадрид. Трет е Атлетико Мадрид со 69 бодови, а Реал Сосиедад се зацврсти на четвртата позиција со 65 бодови. Петопласираниот Вилјареал на три кола пред крајот заостанува за пет бодови.