Проруски хакери тврдат дека врховниот командант на украинските сили е тешко ранет

© AP Photo / Efrem Lukatsky

Врховниот командант на вооружените сили на Украина, генералот Валериј Заслужни кому му се припишуваат есенските контраофанзивни успеси на украинските единици на фронтот, е тешко повреден во рускиот ракетен напад врз команден центар на почетокот од мај и веројатно ќе се повлече од должноста, објави во неделата агенцијата РИА повикувајќи се на претставник на проруската хакерска група позната како Џокер ДНР, кој како извор наводно имал агенти меѓу украинските војници.

Генералот Заслужни речиси цел месец не се појавил во јавноста, а тоа се совпадна со серијата масивни ракетни удари на руската војска врз клучната воена инфраструктура и командни центри во Украина.

„Информациите за неговата (на Заслужни) здравствена состојба во Украина се блокираат по насока на западните инструктори за да не се наруши моралот (на војските), веќе поткопан од загубата на Артјомовск. Поседувам сериозни информации за тоа“, рекол соговорникот на РИА кој зборувал под услов на анонимност а го користи рускиот назив кој датира од советската ера за источниот украински град Бахмут.

Во саботата шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин објави дека неговите борци ја преземале целосната контрола врз Бахмут, што го потврди со куса објава и руското Министерство за одбрана. Украинскиот претседател Володомир Зеленски во саботата на маргините на самитот на Г7 во Хирошим, како што пренесоа светските агенции, прво ги потврдил падот на Бахмут, но подоцна неговиот портпарол и самиот тој тврдеа дека било лошо преведен неговиот одговор, и дека украинските сили сѐ уште се борат за градот, но потврдија дека ситуацијата е „критична“.

Како што рекол во продолжение соговорникот на агенцијата, генералот Заслужни бил подложен веќе на неколку сложени операции и неговата здравствена состојба нема да му дозволи да продолжи да ја извршува должноста врховен командант на украинската војска.

Агенцијата наведува дека хакерската група Џокер ДНР редовно објавува на руските социјални мрежи инсајдерски и доверливи документи од политичкиот и воениот украински врв, кои наводно ги добива од својата доушничка мрежа или со хакирање. Се додава дека западните и украинските медиуми повеќепати досега ја потврдиле веродостојноста на информациите што ги објавува оваа проруска хакерска група за којашто се смета дека дејствува од украинска територија, односно од регионите кои се под контрола на руските единици.

Во западните, украинските и руските медиуми подолг период се шпекулира за судбината на генералот Валериј Заслужни за кој се проценува дека поранешното воено советско образование може успешно да им парира на стратегиите на руските команданти. За Заслужни уште кон крајот на минатата година во украинските медиуми се шпекулираше дека ќе биде отстранет, поради големиот рејтинг со кој го загрозува влијанието на претседателот Зеленски, па дури се предупредуваше на негова можна ликвидација.

Но шпекулациите за здравствената состојба на врховниот командант на украинските вооружени сили се зголемија на почетокот од мај, кога шефот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, потврди дека Заслужни го откажал физичкото присуство на состанокот на организацијата на ниво на началници на генералштабови, па дури откажал да учествува и преку видео-конференција. Поради тоа, се појавија медиумските шпекулации дека тој можеби и загинал на фронтот. Сепак, заменичката на министерот за одбрана Ана Малјар брзо ги отфрли извештаите на наводното загинување на генералот Заслужни.

Во руските блогови и медиуми се шпекулира дека Заслужни, можно е да настрадал, при руско ракетирање на команден центар на украинските сили близу линијата на фронтот во источна Украина, кога наводно настрадале и најмалку десетина високи офицери од сојузничките земји.