Добитникот на Нобеловата награда за мир за 2022 година, белорускиот адвокат за човекови права Алес Бијаљацки беше префрлен пред околу еден месец во озлогласено суровиот затвор во Белорусија и оттогаш ништо не се знае за него, изјави неговата сопруга Наталија Пинчук.
Бијаљацки издржува десетгодишна затворска казна, а според неговата сопруга, нема информации за него откако е префрлен во казнено-поправниот дом N9 во градот Горки, каде се наоѓаат повеќекратни прекршители на законот.
„Властите му создаваат неподносливи услови на Алес и го држат во строга информативна изолација. Не сум добила ниту едно писмо од него веќе еден месец, ниту тој добил писмо од мене“, рече Пинчук.
Бијаљацки во март годинава беше осуден поради наводни финансиски малверзации со кои го нарушил јавниот ред и мир и поради наводен шверц.
Пресудата против него е една од последиците на задушувањето на масовниот протест против претседателот Александар Лукашенко во 2020 година.
Алес Бијаљацки беше уапсен во 2021 година и оттогаш е зад решетки.