Јужна Кореја ја лансираше својата вселенска ракета

Јужна Кореја ја лансираше во четвртокот својата вселенска ракета од домашно производство „Nuri“, ден откако лансирањето беше откажано поради технички проблеми.

Ракетата би требало да постави сателити во орбитата на 550 километри над Земјата, пренесе агенцијата Yonhap.

Станува збор за третиот лет на ракетата „Nuri“, што се смета за голем чекор во вселенската програма на Јужна Кореја, додека оваа земја прави напори да стане клучен играч во сѐ поинтензивната вселенска трка со своите азиски соседи.

Планираното лансирање во средата беше откажано само неколку часа пред предвидениот термин, поради технички проблеми, како што беше наведени, кои функционерите ги опишаа како комуникациски грешки во системот кој го контролира резервоарот со хелиум на лансирната рампа. Беше додадено дека проблемот бил решен во текот на ноќниот ангажман.

„Инженерите ја модификуваа контролната програма и конечни преку повторените тестови потврдивме дека работи стабилно“, изјави на брифингот заменикот министер за наука Ох Тае-сеок, додавајќи дека самото летало не покажало никакви проблеми.

Јужна Кореја успешни ја лансираше ракетата „Nuri“ во својот втор тест ланскиот јуни, поставувајќи работни и лажни сателити во орбитата. Третиот тест е дизајниран за товарење и лансирање на комерцијален сателит, по првпат.

Тристепената ракета „KSLV-II Nuri’ е првата вселенска ракета којашто користи исклучиво јужнокорејска ракетна технологија, а се очекуваат уште три пробни лансирања до 2027 година.

Последниот јужнокорејски ракетен систем, лансиран во 2013 година по повеќекратните одложувања и неуспешни тестови, е развиен заедно со Русија.

Ракетата „Nuri“ се смета за клучниот елемент во амбициозните планови на Јужна Кореја да ја започне својата вселенска програма и да го поттикне развојот на 6G мрежите, шпионските сателити, па дури и месечеви сонди.

Со жестоката трка во вооружување во Азија, лансирањата во Вселената долго беа деликатно прашање, а Северна Кореја се подготвува да го лансира својот прв воен шпионски сателит. Јужна Кореја, исто така, планира да лансира воени сателити, но исклучува секакво користење на оружја за „Nuri“.