Примера: Победи на Осасуна и Мајорка

Во последните два натпревара од 36-то коло на шпанското фудбалско првенство, Осасуна во Памплона го победи Атлетик Билбао со 2:0, а Мајорка со 1:0 беше подобра од Валенсија.

Осасуна дојде во водство во 50 минута, кога Анте Будимир на нафрлување од Монкајола со глава погоди под самата пречка. Гостинскиот голман се обида да одбрани, но само успеа да ја турне топката кој горниот десен агол од својот гол. Победата на Осасуна ја потврди во 77 минута Луакс Торо.

Тимот од Памплона со 50 бодови скокна на осмото место и бодовно се израмни со Атлетик кој поради подобрата гол-разлика на седмата позиција, која носи настап во квалификациите за Конференциската лига. На две кола до крајот за таа позиција конкурираат и Жирона и Севилја кои имаат по 49 бодови, со тоа што тимот од Андалузија може да стаса и до Лигата на шампионите, доколку победи во финалето на Лига Европа.

Единствениот погодок за победата на Мајорка пред своите навивачи го постигна Ведат Муриќи во 64 минута.

Мајорка привремено се искачи на десеттото место со 47 водови, а Валенсија со 40 бодови остана на 13-то место, но само со два бода повеќе од зоната на испаѓање.