Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека од понеделник Владата ќе ја разгледува предлог – иницијативата за уставни измени изработена од работната група и најави дека ќе го покани на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во наредните десетина дена на која би разговарале за носење на одуки за интеграцијата на Северна Македонија и за усогласување на ставовите за односите со соседните земји.
-Јас планирам да го поканам во наредните 10 дена на средба на која што ќе разговараме за две теми. Првата тема ќе биде носењето на одлуки потребни за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и второ, усогласување на ставови за односи со сите соседни држави, рече Ковачевски кој денеска беше во скопскиот Клинички центар.
Одговарајќи на прашања за уставните измени, Ковачевски кажа дека очекува во понеделник предлог-иницијативата од работната група да биде во архивата на Владата и потоа да се најде на седница на Владата.
„Владата ќе го разгледа со големо внимание со оглед на тоа дека во подготвувањето на предлогот учествуваа професори по уставно право, по сродни права на уставното право, претставници од практиката на уставното право и претставници на политички партии и потоа согласно процедурата, откако Владата ќе го разгледа и усвои ќе го достави до Собранието, бидејќи ова е во моментов најзначаен процес во државата, смета Ковачевски.
-Претседателот на опозицијата кажуваше дека ќе сме станувале бинационална држава, па тринационална држава, па држава на еден народ, неколку нации и заедници и на крајот да излезе дека всушност работната група има направено предлог којшто практично е согласно со заклучоците на Собранието, а со цел исполнување на обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка со ЕУ и токму на тие документи се повикува и предлог-иницијативата за уставните амандмани коишто ќе бидат предложени до Собранието, рече премиерот Ковачевски.
„Верувам дека не само албанските партии, туку сите политички партии и сите пратеници ќе ја поддржат оваа одлука во Собранието. Целта е државата да продолжи кон исполнувањето на својата втора стратешка цел после зачленувањето во НАТО, а тоа е зачленувањето во ЕУ, што не е процес на еден човек и на една партија туку за сите политички партии и за сите граѓани. Сите политички партии треба да бидат свесни дека ова е процес заради интеграција во ЕУ, а впрочем многу јасни пораки испрати вчера и сенаторот Крис Мартин од САД којшто кажа дека треба веќе да се определат политичките партии во државата – дали се за ЕУ и за НАТО и за САД или дел од нив ќе сакаат да останат заложници на Димитар Апасиев и на Русија, потенцира Ковачевски.