Северна Кореја во јуни ќе го лансира првиот шпионски сателит

Северна Кореја ќе го лансира во јуни својот прв воен сателит за надзор кој „во живо“ ќе ги следи американските воени активности, извести во вторникот службената новинска агенција KCNA.

Во изјавата за агенцијата, потпретседателот на централната воена комисија на севернокорејската владејачка Работничка партија, Ри Пјонг Чоч, ги осуди најновите заеднички воени вежби на САД и Јужна Кореја.

Точниот датум на лансирањето на сателитот не е наведен, но Северна Кореја ја известила Јапонија дека во периодот меѓу 31-ви мај и 11-ти јуни планира да лансира сателит, поради што јапонската војска ја ставила во приправност својата одбрана од балистички проектили.

Јапонија се закани дека ќе го собори секој проектил кој претставува закана за нејзината територија, тврдејќи дека секакво севернокорејско лансирање би било сериозно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.