Радиолозите треба да читаат резултати и од дома, ако сакаат да ја заработат платата, порача Меџити

Здравството е во лоша состојба, признава министерот Фатмир Меџити, но вели дека има визија за реформа, со веќе најавената дисперзија на лекари низ внатрешноста, за да не мора пациенти да доаѓаат до Скопје, да трошат пари и време, туку специјалистите да им бидат достапни во нивниот град. А, апаратурата која фаќа прашина, да биде ставена во употреба.

„Прво треба да ја средиме примарната здравствена заштита, да направиме голем пресек. Ова не се прави за еден ден. Ќе треба повеќе време, можеби и години, но мора да почнеме, изјави Меџити на Третиот национален форум за здравство „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Северна Македонија: кон трансформација на здравствениот систем“.
Појаснувајќи дел од неговите планови за реформа, рече дека радиологијата ќе се дигитализира, а резултатите ќе можат да се прочитаат и од дома, за пациентите да не мора да чекаат некој да ги прочита.
– Имам свој предлог, визија. Дигитализација на радиологија низ цела држава, т.е. централизација на радиологијата. Во одреден град ако има доктор што чита дневно, еден рендген на една рака или нога, сега натаму нема да биде така. Онлајн ќе бидат вклучени сите. Ќе има ограничен број колку дневно треба да прочита, за да си ја изработи платата. Над тој број и дома нашите радиолози почитувани, ако сакаат за повеќе финансиски примања, ќе имаат можност да прочитаат, со цел да не се чека толку долго – рече министерот.