Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје во средата определил мерка краткотраен (полициски) притвор во траење од 48 часа заради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Убиство, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Оттаму ги демантираат наводите во одредени портали дека информацијата за поврзаноста на кривичното дело со конкретен настан, е прибавена од судот.
Од Министерствто за внатрешни работи потврдија само дека во средата е упасено едно лице, но детали не откриваат упатувајќи на скопското обвинителство кое ја води истрагата за случајот.
Кривичниот суд соопштија претходно во четвртокот дека: „Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на 31.05.2023 година, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје, го прифати предлогот и на едно лице му определи мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Убиство од чл. 123 од КЗ.Но, од таму не откриваат детали со оглед на тоа што се работи за постапка за која е надлежно јавното обвинителство.
Од Јавното обвинителство велат дека поради компромитација на истрагата не се во можност да споделуваат никакви поединости.
„Со оглед на тоа што во предметот во кој е определен краткотраен притвор за едно лице постои сериозна можност за компромитација на истрагата во оваа фаза, во интерес на тајноста на постапката не сме во можност да споделуваме никакви детали, изјавиле од обвинителството за МИА.
Претходно во дел од медиумите беше објавено дека е уапсен скопјанец кој се поврзува со двојното убиство од пред три месеца во споменатиот скопски локал. Според извори на Канал 5, станува збор за лице кое има поврзаност со автомобилот !„ауди А6“, со кој извршителите на убиството избегаа кон населбата Шуто Оризари, а потоа и го запалија.
Убиството се случи на 6-ти март годинава кога неколку маскирани лица влегле во кафулето и откако ги таргетирале двете лица почнале да пукаат. Едниот од убиените е Јетон Кривањева, познат како Жила, а другиот е Енис Исени, познат како Љаци, а беше рането и едно лице. Нови детали околу истрагата од обвинителството засега нема. Набргу по настанот соопштија дека се собираат докази меѓу кои се и видео снимките од надзорот на самиот објект.