Советот за безбедност на ОН повика на прекин на огнот во Судан

Советот за безбедност при Обединетите нации ги повика завојуваните страни во Судан да запрат со непријателствата додека продолжуваат борбите во главниот град Картум по пропаѓањето на преговорите за прекин на огнот и олеснување на хуманитарната криза.

Во соопштението на Советот за безбедност изразена е „длабока загриженост“ за конфликтот и беа осудени сите напади врз цивилите, персонал на ОН и на хуманитарни агенции.

„Советот ја прогласи потребата завојуваните земји веднаш да ги прекинат непријателствата, да го олеснат хуманитарниот пристап и да воспостават постојан договор за прекин на огнот за продолжување на процесот за постигнување мирно, вклучиво и демократско политичко решение во Судан“, се вели во соопштението објавено ноќта кон саботата.

Покрај тоа, Советот за безбедност постигна договор за продолжување на мандатот на мисијата за интегрирана транзициска помош на ОН во Судан, но само за шест месеци, се наведува во соопштението.

Роберт Вуд, американски дипломат во ОН, на седницата на Советот за безбедност рече дека САД жалат што членовите на Советот не можеле да се договорат за ажуриран мандат на мисијата на ОН со оглед на „драстично променетите околности“ во Судан.

„Се надеваме дека Советот ќе може да се состане во наредните месеци и ќе се договори за резолуција што попрецизно ќе ја отслика ситуацијата на теренот и ќе ја одобри мисијата“, изјави Вуд.

Борбите меѓу суданската армија и паравоените Сили за брза поддршка (RSF) започнаа на 15-ти април, при што загинаа стотици луѓе, а речиси 1,4 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.