„Костал” со нова инвестиција од 50 милиони евра и 300 нови вработувања

„Костал Македонија“ ќе инвестира околу 50 милиони евра во нови капацитети во кои ќе се произведува паметна електроника за најновите модели автомобили на „Фолксваген“, „Шкода“, „Сеат“, „Ауди“ и „Порше“.

Станува збор за инвестициски проект за производство на „чарџери“ (полначи) за електрични и хибридни возила, кој што ќе се реализира во периодот јули 2023 – декември 2026 година и ќе овозможи нови 300 вработувања. Полначот е производ со најголема додадена вредност што се произведува во нашата земја.

Ова денеска го соопштија генералниот менаџер на компанијата Виктор Мизо, главниот оперативен директор на КОСТАЛ аутомотив и претседател на КОСТАЛ за Европа Хансјоерг Херман и Кристијан Клајн извршен потпретседател за човечки ресурси во групацијата.

Ова трета по ред инвестиција на германската компанија за изработка на делови и компоненти за автомобилската индустрија „Костал“, која во земјава годинава одбележува седум години од работењето. Она што ја издвојува новата инвестиција е тоа што таа ќе биде во нови технологии, а не во хали. Досега компанијата има вложено над 100 милиони евра во фабриката во Охрид, така што заедно со претходните две фази, вкупните реализирани инвестиции на компанијата во Македонија ќе достигнат 150 милиони евра.

„Костал Македонија“ инвестира и во производство на најновите кровни модули кои ја користат последната SkinTec технологија која се користи за најексклузивните модели на Daimler како што се: Mercedes EQS, EQE, C + S CLASS, AMG SL.

Овие технологии овозможуваат командите да бидат интегрирани во специјалната пластика и на допир, а површината да биде отпорна на гребаници.

Мизо посочи дека компанијата, но и општо странските инвестиции во земјава добиле поддршка од државата за усогласување на царинските стапки и адаптирање на целиот процес на државна помош.

– Но, постојат некои работи кои сметам дека треба да се подобрат. Се очекува подобра и подлабинска поддршка од страна на институциите на државата, како и усогласување и изедначување на условите за третман. Тоа е неопходно бидејќи сите компании треба да играме по исти правила и истовремено исполнување на инфраструктурните обврски, додаде Мизо.

Компанијата „Костал“ во Охрид почна со работа од 2016 година и во моментов во компанијата работат 1.020 вработени со просечна плата далеку над просекот во државата.