Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски на денешната лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложил двете партии заеднички да ги поддржат уставните промени, а веднаш потоа да се распишат предвремени парламентарни избори, со тоа што ВМРО-ДПМНЕ веднаш би влегла во Владата. Ова би овозможило земјата да ги почна пристапните преговори со Европската Унија.
Мицкоски ова го прифатил под услов во таа национална широка влада да не учествува ДИУ, и второ уставните измени, кои би се усвоиле, да стапат во сила дури кога ќе почне ратификацијата на пристапниот Протокол за членство на Македонија во ЕУ во парламентите на земјите членки.
– Разговаравме за предлози кои што ги даде Ковачевски, од кои би издвоил еден: тој предложи да во рамките на парламентот отпочне дискусија и да се отвори, да се изгласа потребата со 2/3 за промена на Уставот, а потоа да биде формирана Влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори за кои пред една година не убедуваа дека е почнат, а потоа да бидат затворени 1,2,3 поглавја зависно од брзината, а таа Влада да организира предвремени парламентарни избори. На оваа понуда беше даден одговор: во ред, ја разбирам понудата и за истата го имам следниот став. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Влада со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада – рече Мицкоски по средбата.
Тој исто така побарал уставните измени да се усвојат со преодна клаузула според која тие стапуваат во сила дури кога ќе почне ратификацијата на пристапниот Протокол за членство на Македонија во ЕУ во парламентите на земјите членки, што премиерот Димитриевски го одбил, со образложение дека тоа би било кршење на Преговарачката рамка, која Македонија ја прифати.