
Почитувана Екселенцијо!
Ви се обраќам, со цел непосредно да Ве запознаам со коруптивните пукнатини на системот на власт детектирани од мене во изминатите неколку години на активно истражување на одредени системски невралгични состојби.
Имено, пред неколку години, поконкретно од периодот 2019/2020 година, по барање на амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, бев примен од тогашниот амбасадор и службите, кои се интересираа за криминалните состојби во образованието со кој во областа на образованието успеав да откријам бројни слабости од нормативен и институционален карактер. Но, најтешки и најболни за мене беа персоналните односно кадровски проблеми кои секојдневно го уништуваат системот кој е важен за просперитет и развиток.
Во истиот тој период, остварив средба и со францускиот амбасадор Н.Е. Кристијан Тимоние. На средбата се разговараше за актуелните прашања во врска со реформите во образовниот систем, особено за високото образование и нашите перспективи во европско интегрирање, како и обавени средби во Канцеларијата на германската амбасада и средба во Канцеларијата на европската амбасада во Македонија…
Почитувана Екселенцијо!
Не постои сегмент од општеството каде нема корупција! Не постои функционер, кој со невидена леснотија не се впушта во корупција (исклучоците се многу редок примерок !).
Почнувајќи од Министерот за образование и наука, д-р Јетон Шаќири, чија што диплома е нострифицирана после неговиот избор во наставно-научно звање доцент, преку неговиот заменик министер д-р Нухиу Агим, кој напредувал спротивно на Законот за високото образование, а исто е и со пратеникот Арбер Адеми кој беше поранешен министер за образование, кој незаконито се унапредува во наставно-научно звање доцент, па се’ до главниот прикривач на просветно-инспекциските контроли и надзори ширум низ државата, Африм Салиу,… Оваа комедиографија нема крај. Како што впрочем и корупцијата нема крај. Како е возможно да се подигне нивото на образование со таков калибар на стратешки менаџмент? Не е возможно почитувана експеленцијо! Но, дали постои одговорност за предлагачите од ДУИ до Владата токму овие лица да бидат образовни функционери? Сето ова зборува за фактот дека секаде каде што е ДУИ на позиција мириса на нешто сомнително, но за жал Јавното обвинителство нема ниту еден осомничен фукционер на ДУИ со што дава конкретен придонес за легализирање на криминалот и неодговорност, кои се основни принципи на демократијата.
Меѓународните институции, констатираат дека Македонија по перцепција на корупцијата и криминалот се наоѓа високо на ранг листа. Мизериите што владеат во владата по институциите, агенциите, разни второстепени владини комисии си го гледаат само својот финансиски интерес, а најмалку интересот на граѓаните.
Почитувана екселенцијо!
Зарем може да се одбрани или прикрие непотизмот и судирот на интереси, односно, конфликт на интереси и сомнеж на коруптивност, каде што за сопругата на премиерoт Ковачевски, на владина седница, беше донесена одлука за фирмата во која таа има удел, да добие државно земјиште по цена од 70 денари за м2 за изградба на фотоволтаична централа и таа владина одлука ја потпишува никој друг, туку Артан Груби?! На сето ова, премиерот Ковачевски не гледа судир на интереси со влијание и ќе изјави дека: „Тоа е нејзина инвестиција“? Срам од еден премиер. По примерот на премиерот Ковачевски оди и Али Ахмети со неговиот син, кој влегува во бизнис со струја, пред сите овие во ваков бинис со електрична енергија влегува и синот на поранешниот премиер Зоран Заев, па братот на Артан Груби со деловен простор. Зарем вака во европското семејство? НЕ и НЕМОЖЕ!
Почитувана екселенцијо, дозволете да го парафразирам Жан Моне: „Европа нашиот заеднички дом“, односно обединување на сите народи на Европа. Ако е така, а е така. Европските народи да ја третираат Македонија и нејзиниот народ во европската цивилизација. Јас би истакнал да има еднаквост за сите народи и нивни права, законите да се применуваат и да важат за сите. Република Македонија да води долгорочна стратегија во сите области, а не политика во областите, односно да се води образовна, економска, стопанска, здравствена, правна, социјална политика, а не политика во напред наведените области, што за жал е практика во нашата држава.
Почитувана Екселенцијо!
Истражувајќи ги состојбите во правосудството, секако и Вашата заложба за практикување на правниот систем во Македонија и средбите кои ги имавте со првите луѓе од Врховниот суд, со кои Ве запознаваат со активностите на судот во кој Ви говорат за „исполнување на обврските од реформската агенда, нагласуваќи дека: „судовите како носители на судската власт треба да функционираат навистина независно, самостојно, транспарентно, а во однос на граѓаните да обезбедиме високо професионално, чесно, непристрасно и ефикасно судење“. Во правна држава така треба да биде! Но, овие македонски правосудни институции тоа не се! Вие тоа го знаете Ваша екселенцијо!.
Почитувана Екселенцијо!
За спроведување на реформите во судската област, она што очекуваат граѓаните, а и Вие го говорите, неминовно е имплементирање и резултати од реформите, со цел враќање и надградување на довербата на граѓаните во судските институции. Тоа судството не го испорачува. Наместо судството да биде заштитник на интересите на граѓаните преку ефективна судска заштита на правата на граѓаните, тоа е претворено во „градинка“ на децата на судиите и обвинителите, каде тие се егзистенцијално вдомени (со исклучок на поединци кои со учење, знаење и квалитет се дел од оваа организација) и ги уживаат благодетите на власта. И тоа со високи плати, зголемени за над 70% (посто) од овој месец! А, граѓаните се на работ на социјална егзистенција и сиромаштија.
Почитувана Екселенцијо!
Довербата на граѓаните во правосудството не е повеќе од 1 до 2% (посто) и со право е и Вашата загриженост за состојбите во македонското судство. Но, и во целокупниот систем во целина, според мене. Дали да ги коментирам состојбите кај Судскиот совет, каде исто така кадрите на ДУИ за да заштитат свои судии го растураат ова тело. Целта е да не се разрешат судии кои се блиски на СДСМ и ДУИ! Како што може да се види успеваат во таа цел. Никој не зборува за разрешување на конкретни судии за кои е утврдена одговорност за работењето! Оние кои имаат пари, оние кои се платени со тие пари, се тие кои што ја хранат корупцијата и со тоа конкретно ќе ја уништуваат државата.
Затоа, мојата целосна подршка до Вас, за Вашата дадена изјава дека:
„Холандија стави во мирување проект за Судскиот совет поради последните случувања. Станува збор за проект во вредност од милион евра за зајакнување на ефиксноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет“.
Со право констатирате и укажувате дека: „причината за тоа е влошувањето на состојбите во правосудството и дека Холандија тоа прашање го гледа како централно на кое ќе му се посвети внимание со последните случувања во Судскиот совет како преседан“.
Ова се загрижувачки состојби што се случуваат со третата власт, која е под диригентска палка на Извршната и Законодавната власт (ДУИ-СДСМ)! Затоа, извршната и законодавната власт (ДУИ-СДСМ) декларативно се залагаат за влез и барање под европско сонце, кога во практиката институциите се однесуваат како „диви племиња“.
Горенаведеното е дел од поглавјето „основно“ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целокупниот процес. И како што додавате почитувана екселенцијо: „…Но, она што ние го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот Судски Совет кој всушност стана нелигитимно тело… и констатирате дека ситуацијата е многу сериозна со Судскиот совет“. Моја констатација, почитувана екселенцијо, е дека Судскиот совет треба да се самораспушти и да се постават стручни и компетентни истакнати правници без партиски влијанија. Што за жал, тоа е пракса кај нас.
Почитувана Екселенцијо!
Дали да посветам внимание за Тендерот за надзор над Коридорите 8 и 10 со енормно високи хонорари за четворица лица? Дали не сте запрашале зошто оваа компанија е избрана за надзор и го доби тендерот? Според мои информации само таа компанија ја прифатила таа висока сума за хонорари, за кои постои сомнеж дека парите понатаму ќе се слеат во други раце. Инаку, зошто некој висок функционер тајно разговарал со фирмите кои биле заинтересирани за овој тендер, зошто ги одбил и така ќе дојдете до одговорот како се добива тендер во нашата држава. И ако се додаде фактот дека Договорот за коридорите 8 и 10д не е усогласен со Европската Унија и се злоупотребува европското знаменце, доволно говори, за сомнеж на криминал и корупција. А, Јавното обвинителство и ДКСК до сега не се изјасниле?!
Артан Груби со плата од 125.000 денари, заедно со Грковска и многуте функционери во време на криза само повеќе ќе ја продлабочи кризата и недовербата кај граѓаните.
Почитувана екселенцијо, верувам во Вас и затоа Ви се обраќам јавно, а со цел да остварам средба со Вас и да доставам мои книги во кои точно е наведено што се случува во нашата држава во услови на владеење на тандемот ДУИ-СДСМ!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес