Почна асфалтирањето на ул. „Петар Драпшин” во населбaта „11 Октомври бараки“

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денес го потпишаа Договорот за соработка со што се формализираше реализацијата на проектот за рехабилитација на улицата “Петар Драпшин”. Се работи за клучна сообрајница во населбата 11 0ктомври бараки со површина од 8000 квадратни метри која треба да биде завршена за околу три месеци.

-Рехабилитацијата на “Петар Драпшин”, како мошне значајна сообраќајна артерија опфаќа санација на коловозот и тротоарите, што е барање и потреба на жителите веќе 30 години. Убаво е кога за вакви значајни отворени децениски прашања какво што е подобрувањето на локалната патна инфраструктура изнаоѓаме заеднички јазик и делуваме здружено, бидејќи се работи за унапредување на условите за огромен број на граѓани кои живеат во овој дел на општина Кисела Вода. Сакам да му се заблагодарам на министерот Бочварски, на Министерството за транспорт и врски, како и на Светска Банка, за финансиската поддршка. Се надевам дека овој ќе биде само еден од проектите кои преку соработка ќе им ги овозможиме на нашите жители за нивен поквалитетен живот. Како што го информирав и министерот, улицата Петар Драпшин е една од улиците опфатени големиот проект за обнова на улиците населбата 11 Октомври бараки. Општина Кисела Вода паралелно ќе санира и неколку други улици во населбата 11 Октомври Бараки. Нов асфалт и тротари ќе добијат и “Ефтим Спространов”, “Лазар Димитров” и “Лав Tолстој”. Заедно со “Петар Драпшин”, се работи за градежна интервенција со вкупна површина од околу 11000 м2 кои ќе овозможат нов подобрен лик на улиците и ќе ги направат побезбедни за одвивање на сообраќајот. Дополнително ќе поставиме и ново модерно штедливо осветлување. Досегашните живини, ќе ги замениме со лед светилки-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски при заедничкиот увид со Министерот за транспорт и врски Бочварски на улицата “Петар Драпшин”.

– Денеска со градоначалникот Ѓорѓиевски го потпишавме договорот за рехабилитација на ул.”Петар Драпшин” во населбата 11 Октомври, општина Кисела Вода. Особено ми е драго што преку Министерството за транспорт и врски продолжуваме да ги помагаме општините, да им даваме силна поддршка за реализација на вакви проекти со кои го подобруваме животот на граѓаните. Нашите политики се јасни и конзистентни, сите општини и сите граѓани ни се важни и правиме се за да обезбедиме квалитетни проекти за граѓаните и развој на општините- изјави Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Средствата за рехабилитација на улицата “Петар Драпшин” се обезбедени од “Проектот за поврзување на локални патишта” кој се реализира од страна на Министерството за транспорт и врски со финансиска поддршка од Светска Банка. Се работи за износ во висина од 13,7 милиони денари.