Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска гостуваше во „Аудиториум“, каде изјави дека понудата од страна на Владата е многу јасна и великодушна од сите коалициски партнери и дека ова е добра основа за да се продолжи со дијалогот, и тоа не само на лидерско ниво.
– Мислам дека ВМРО – ДПМНЕ треба да се изјасни бидејќи сите нивни барања, сите нивни стравови, сите нивни очекувања се на некој начин исполнети или во добар дел исполнети, немаат веќе причина да не гласаат за уставните измени коишто ни се толку потребни, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ укажа дека доколку опозицијата е спремна, постои подготвеност од страна на Владата уште веднаш да се формираат работни тимови кои ќе преговараат како да се имплементира прашањето за уставните измени.
– Спремни сме да донесеме и Закон за преговори со Европската Унија, каде што некои од грижите на опозицијата дали ќе се допираат идентитетските прашања во текот на преговорите може таму да се уредат како обврски на Владата да внимава на овие теми, посочи Маричиќ, додавајќи дека доколку постои волја има модалитети и начин да започнат во оперативна имплементација на идеите.
На прашањето како главен преговарач со ЕУ и добар познавач на целиот процес дали е можно членство до 2030 година, Маричиќ рече дека е и реален и достижен датум, но дека ќе зависи од два фактори.
– Од една страна е битно дали ЕУ ќе направи сериозен план за членство на овој регион или барем на одреден број на држави од регионот, од друга страна е битно како ние како држави од регионот ќе се поставиме во наредниот период. Значи од една страна нашата обврска за реформи и за решавање на тешките прашања, од друга страна обврската на ЕУ да направи план како да не вгради во системот на ЕУ, укажа Маричиќ.
Според него после долго време има променет став на големите држави членки на ЕУ, кои разговараат за ново проширување, во контекст на војната во Украина, што Маричиќ смета дека е златна шанса која не смееме да ја пропуштиме за продолжување на патот кон ЕУ.
– Долгото чекање на Западен Балкан за членство во ЕУ веќе прави една нервоза и ситуација во којашто обичниот народ, младите луѓе губат верба дека тоа може да се реализира брзо, затоа мислам дека ќе се создадат услови да има проширување во наредните неколку години. Наше е дали ќе го искористиме тоа и ќе влеземе во тој пакет или ќе одлучиме да чекаме подобри времиња за решавање на билатералните спорови со Бугарија, укажа Маричиќ потсетувајќи дека имаме јасна рамка утврдена, само треба да ја реализираме и дека ако тоа не се направи оваа година тоа ќе биде на наша штета.
Емисијата „Аудиториум“ на тема: „Северна Македонија – денес и утре“, во која денеска вицепремиерот Маричиќ беше гостин е во организација на Балканскиот институт за регионална соработка (БИРЦ) и се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.