Косовците ќе се лекуваат по исти цени како и македонските државјани – Тие не биле странци?!

Министерството за здравство донесе одлука за нивелизација на цените на здравствените услуги во РСМ, како за државјаните на земјата така и за граѓаните од Косово и Албанија. Според министерот за здравство, Фатмир Меџити, тука нема да застане туку ќе побара билатерална соработка и со Србија и Грција, објави ТВ 21.

– Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како за државата, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион, вели  Меџити.

Во врска со ценовникот за давање на здравствени услуги на странци до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги за странците со оние за македонските граѓани, велат за МИА од Министерството за здравство.

„За овие промени не требаше никакви промени во Законот и дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници, односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена, на странските државјани им даваме право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што го промовираме јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава, конкурентна на пазарот на трудот“, појаснуваат од Министерството.