Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во финалето на Грен слем турнирот Ролан Гарос победувајќи го Шпанецот Карлос Алкараз со 6:3, 5:7, 6:1, 6:1.
Дуелот меѓу Алкараз, тенисер број еден во светот и бројот три на АТП рангирањето, му припадна на поискусниот и 16 години постар српски играч. Во третиот гем од третиот сет при резултат 1-1 дојде до прекин, бидејќи Алкараз се пожали на проблем со грчеви во десната нога, а по укажаната лекарска помош Шпанецот одзеде само еден гем.
Ова беше нивна втора средба и прва победа на Ѓоковиќ. Ѓоковиќ во финалето ќе игра со подобриот од Норвежанецот Каспер Руд и Германецот Александар Зверев.
Триесет и шестгодишниот Ѓоковиќ в недела во главниот град на Франција ќе ја брка рекордната 23-та победа на Грен слем турнирите. Тој славеше на најпрестижниот турнир на земјена подлога во 2016 и 2021 година, а неговата исклучително богата тениска биографија вклучува десет победи на Австралија опен во Мелбурн, седум на Вимблдон и три на УС Опен во Њујорк.
Многумина тениски познавачи пред полуфиналниот десерт „пар екселанс“ му дадоа поголеми шанси за победа на играчот од Пиринејскиот полуостров, но искусниот белграѓанец покажа навистина блескава игра во првиот сет. По 56 минути игра Србинот го доби првиот сет со 6-3, но и го одзеде првиот сет од Шпанецот на овогодинешниот Ролан Гарос. Пред тоа, Шпанецот во три сета ги победи сите противници, а според ова сценарио паднаа Италијанецот Флавио Коболи, Јапонецот Таро Даниел, Канаѓанецот Денис Шаповалов, Италијанецот Лоренцо Музети и Гркот Стефанос Циципас пред денешната пресметка со 16 години постариот Ѓоковиќ.
Во вториот сет „атомски тенис“ прикажаа светскиот шпански рекет број еден и српскиот третопласиран на АТП ранг листата. По безмилосна борба за секое парче од теренот и многу загубени топки, по 77 минута подобро заврши за Алкараз кој славеше со 7-5.
Во преостанатиот дел од мечот, Шпанецот целосно се откажа поради силните грчеви во десната нога, а здравствените проблеми му ги уништија соништата за конечно освојување на вториот Грен слем турнир по минатогодишниот триумф на УС Опен во Њујорк, кога тој го победи Руд. Алкараз порди тоа го истакна „белото знаме“, добивајќи само по еден гем во следните два сета.
„Последното нешто што го сакате во мечевите се грчевите. Сочувствувам со Карлос, се надевам дека брзо ќе закрепне и ќе се врати на теренот“, изјави веднаш по победата Ѓоковиќ, кому ова му беше седмиот полуфинален настап на Ролан Гарос.
„Исклучително го почитувам Карлос, и покрај очигледните здравствени проблеми со кои се бореше максимално што можеше. Беше подобар од мене во вториот сет“, додаде Ѓоковиќ, кој по мечот му порача на Шпанецот дека му претстои голема иднина и дека сигурно повеќепати ќе го освои Париз.
Карлос Алкараз беше разочаран од поразот и тврдше дека тензиите во првите два сета резултирале со физички распад на 16 години помладиот тенисер.
„Се разочарав, искрено, а во еден ваков меч, да се дојде во овој меч со одлично чувство, физички да се чувстуваш одлично. Но, имав грчеви на крајот на вториот сет и на почетокот на третиот, и тоа беше навистина разочарувачки “, рече Алкараз.
До таа фаза, Алкараз го играше својот возбудлив тенис, бркајќи поени што изгледаа изгубени, форхенди кои изгледаа недопирливи и лобови што ја допираа основната линија. Но шампионот на УС Опен на крајот ја плати цената и ќе мора да чека уште една година на шансата да го освои својот прв грен-слем турнир на земјена подлога.
„Би рекол дека првиот и вториот сет беа многу, многу интензивни и почна да добивам грчеви. На почетокот на третиот сет почна да ми се грчи секој дел од телото, не само нозете. И рацете, секој дел од нозете. Морам да учам од вакви натпревари, ќе се обидам вакво нешто да не се повтори во иднина“, рече Алкараз.