Браната Каховка беше крената во воздух од руските сили за да ги спречат украинските сили да напредуваат во јужниот регион Херсон, изјави денеска украинската заменик министерка за одбрана, Хана Малијар, пренесе Хина.
Украина ги обвини руските сили дека ја кренале во воздух браната од нивната хидроцентрала. Местото е под руска окупација уште од првите недели од руската инвазија минатиот февруари.
И Москва ја обвини Украина за уривањето на браната. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за гранатирање цивили додека се спроведуваат спасувачки операции.
„Експлозијата на хидроцентралата Каховка беше јасно изведена со намера да ги спречи украинските одбранбени сили да започнат офанзива во секторот Херсон“, рече Малијар на каналот за пораки Телеграм.
Таа додаде дека целта на операцијата, што предизвика огромни поплави во градовите и селата низводно од Дњепар, и зароби жители и однесе цели куќи, е, исто така, да помогне во распоредувањето на руските резервни сили во областите Запорожје и Бахмут.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека во Украина и официјално почнаа да се одвиваат контраофанзивни и одбранбени операции. Тој не други даде детали за операциите.
Портпаролот на украинската војска изјави дека во контранападот на украинските сили има напредување од 1,4 километри на бројни делови од линијата на фронтот во близина на источниот град Бахмут.