Почина поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, чија политичка кариера ја обележаа секс скандали и обвинувања за корупција, почина на 86 години во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано.

Берлускони се бореше со низа здравствени проблеми во изминатите години, а неодамна му беше дијагностицирана и леукемија. Кон крајот на минатата седмица повторно беше итно хоспитализиран во болница во Милано.

Миланскиот дневен весник Corriere della Serra ја потврди веста за неговата смрт, додавајќи дека Берлускони починал во миланската клиника „San Raffaele“ во којашто поранешниот премиер повеќепати беше лекуван. Телевизијата RaiNews24 добила потврда на веста од извори од болницата. Берлускони беше примен во болница во петокот попладнето, само три седмици откако ја напушти болницата.

Новата хоспитализација на „патријархот на италијанската политика“ предизвика загриженост кај многу поддржувачи и политички сојузници на експремиерот. Но, лекарите објавија дека хоспитализацијата се должела на потребата да се „спроведат планирани контролни студии во врска со позната хематолошка патологија“.

Билтенот, кој во петокот го објавија личниот лекар на поранешниот премиер Алберто Зангрило и хематологот Фабио Цицери, истакнаа дека состојбата на нивниот пациент не е алармантна.

Милијардерот и медиумски тајкун беше една од најпрепознатливите личности во поствоената италијанска политика. Првпат стана премиер во 1994 и водеше четири влади до 2011 година.

Берлускони ја создаде најголемата медиумска компанија во Италија пред да влезе во политиката, абеше сопственик на светски познатиот фудбалски клуб Милан од Милано.