ИВЗ ги испрати аџиите за Мека и Медина

Оваа година 1.304 муслимански верници ќе ја посетат Саудиска Арабија и ќе ја добијат титулата хаџи.Тука се вклучени и над 250 верници од дијаспората што преку ИВЗ одат на аџилак, пишува Нова Македонија.

Муслимански верници ќе го слават Курбан-бајрам во Саудиска Арабија

Првите аџии пред два дена тргнале на пат кон светите места за муслиманите, Мека и Медина. Таму ќе го дочекаат и празникот Курбан-бајрам, кој муслиманите ќе го прославуваат на 4 октомври годинава. Се очекува од аџилак да се вратат некаде кон средината на следниот месец. Ова се активностите што во наредниот период ќе ѝ бидат од приоритетно значење на Исламската верска заедница, втората по големина верска заедница во државата.

Африм Тахири, генералниот секретар во оваа заедница и еден од најблиските луѓе на Сулејман Реџепи, поглаварот на ИВЗ, вели дека 1.304 муслимански верници годинава ќе ја посетат Саудиска Арабија и ќе ја добијат титулата хаџи.

– Тука се вклучени и над 250 верници од дијаспората што преку нас одат на аџилак – истакнува секретарот Тахири.

Тој вели дека оние што патуваат со автобус мора да тргнат една недела порано за да стигнат навреме, а има и такви што ќе патуваат со авион.

– Муслиманските верници се вакцинирани, а претходно ги поминаа сите подготвителни текстови за патот. Имаат и упатства како треба да се однесуваат, да не одат на непристапни места и да не бидат во близок контакт со патниците од другите земји. Сето тоа е за заштита од заразни болести – објаснува Тахири.

Според него, и покрај тоа што во Мека и Медина се собираат милиони верници, сепак организацијата при извршувањето на верските задачи трае беспрекорно. Се извршуваат предвидените ритуали, а потоа се станува аџија.

– Заедно со аџиите патува и докторска екипа, како и над 150 луѓе што се ангажирани да внимаваат и да ги придружуваат идните аџии – додава Тахири.

Секој аџија треба седум пати во обратен правец од стрелките на часовникот да ја заобиколи Ќаба, зградата во облик на коцка, која е свето место за муслиманите, треба да го целува „црниот камен“ на аголот на Ќаба, седум пати да го помине патот помеѓу двете планини Аш Шафа и Ал Марвах, да се напие вода од изворот Замзам, да оди на рамнините на планината Арафат, да бдее стоејќи и да фрла камења во ритуалното каменување на ѓаволот.

По завршувањето на овие ритуали, аџиите се бричат, изведуваат ритуал на животинска жртва и го слават четиридневниот фестивал на жртвата.

Од ИВЗ велат дека милиони луѓе од целиот свет, независно од расата и социјалниот статус, се облечени во две парчиња бела ткаенина, слична на таа со која муслиманите се погребуваат. Според нив, тоа е најголемата духовна моќ.
Од оваа верска заедница не сакаат да зборуваат кога се во прашање аџилакот и профитот од него. Главниот одговор е дека станува збор за нивна внатрешна работа, која немаат обврска да ја пренесат во јавноста.

Муслиманите плаќаат над 300 евра за аџилак

Инаку, процените се дека ИВЗ годишно заработува над половина милион евра од муслиманските верници што од државава заминуваат на аџилак.

Саудиска Арабија дава бесплатни визи, но неофицијални извори говорат дека давачките за административни трошоци, кои ИВЗ ги пресметува во целата сума, изнесуваат од 300 до 350 евра од човек.

Секоја година заминуваат околу 1.300 муслимани, кои за патните трошоци и за сместувањето плаќаат дури до две илјади евра.

Според Законот за верски заедници, ИВЗ е единствената легитимна верска заедница што може да испраќа лица на аџилак, а државата може да обезбеди излезни визи за Саудиска Арабија, но само во согласност со верската заедница.