Во Делчево активни две свлечишта, се бара начин за нивно санирање

Во моментот во Делчево по невремето кое го зафати градот минатиот четврток има две активни свлечишта, од кои загрозени се неколку куќи на жители на Делчево.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски информираше дека од таа причина локалната самоуправа со поддршка на ЦУК и други институции бара начин како правилно да се постапи на терен, со цел да не дојде до несакани последици по семејствата кои живеат во загрозените домови.

-После невремето и поплавите во Делчево имаме две свлечишта при што загрозени се две куќи. Тоа се домови на истиот ендек кој го викаме Грозданец. Стабилноста таму се утврдува од статиката на куќите, испративме барања до ЦУК и други институции за да ни дадат насоки што и ние би можеле на тие свлечишта да направиме, бидејки станува збор за понор од околу 20 метри кој од куќите е оддалечен 10 и 20 метри. Како што кажав тоа се куќи на две страни од истиот ендек и затоа бараме препораки за да можеме навремено да реагираме за да не дојде до несакано рушење на куќите, вели Трајковски.

Делчевскиот градоначалник очекува дека по праќањето на извештајот за првичните штети од невремето до Владата ќе следуваат и конкретни информации на кој начин ќе се одвива санирањето на штетите.

-Го испратив извештајот за штетите, тој е разгледан на синоќешна седница на Влада, по што одлуките кои ќе ги носи Владата во наредните два три дена ќе бидат испратени до нас како локална самоуправа и ќе се постапи во најбрз можен рок. Значи се бара најбрзото решение да можат сите настанати штети во најбрз временски период да бидат санирани. За тоа ќе бидат потребни услуги од Македонија Пат или некое друго претпријатие да ги извршува работите, се со цел за да немаме некои постапки кои ќе се одолговлечат и затоа како што имам информација, од Владата се бара законска можност да задолжат јавно претпријатие кое ќе може да ги санира штетите, додаде Трајковски.

Според Трајковски досегашната проценка на штетите е околу милион евра, средства кои најмнгу ќе бидат потребни за реконстуркции на оштетената пат на инфраструктура која најмногу настрада од невремето кое го зафати градот изминатиот четврток.