Додека можностите на вештачката интелигенција предизвикуваат, од една страна стравови, а од друга – љубопитност и воодушевување во музичката индустрија, Пол Макартни кој наскоро ќе го прослави својот 81. роденден, откри дека 50 години подоцна, „Битлси“ се враќаат на сцената. Имено, оваа година ќе биде објавена досега непозната песна на четворицата од Ливерпул, снимена со помош на ВИ којашто ќе го создаде гласот на Џон Ленон. Пол тоа го објави во интервју за „Би-би-си редио 4“ (BBC Radio 4).
– Решивме да ја направиме последната снимка на „Битлс“. Успеавме „да го извадиме“ гласот на Џон и да го усовршиме користејќи ВИ и да ја измиксаме снимката… Замислата дојде по еден документарен серијал во режија на Питер Џексон во 2021 година, изјави Макартни.
Британскиот пејач Стинг неодамна предвиде дека уметниците ќе мора да се борат напорно за да ги заштитат своите човечки способности од вештачката интелигенција. Пол Макартни ја смета таа појава за „доста занимлива“.
Инаку, од 10-те години на Пол, Џон, Џорџ Харисон и Ринго Стар минати заедно (1960 – 1970) произлегоа 14 албуми, речиси милијарда продадени плочи и неколку филмови. Од познатата „ливерпулска четворка“, Пол и Ринго (82) се живи и сѐ уште активни, но како соломузичари.