Мојот шеф на кабинет не ми е мене зет, туку е зет во семејството, вели министерот Алиу за прозивките од Алтернатива за непотизам

„Немам зет за ќерка или за сестра, мојот шеф на кабинет е зет во семејството, но не е мој зет“. Ова го кажа министерот за информатичко општество, Азир Алиу во врска со прозивката од партијата Алтернатива да поднесе оставка и тој и лидерот Таравари, зашто негов партиски кадар во Министерството за информатичко општество спроведува непотизам.

Алиу не чувствува одговорност и не спомена оставка. Вели, правно може да се провери дека согласно закон се ангажирани експертите во неговиот кабинет и дека не се вработени, туку именувани за да ги спроведуваат политиките на институцијата. Според Алиу, изјавата за зетот кој му е шеф на кабинет е извадена од контекст, од разговор на поткаст.

„Јас се шегувам. Тоа е поткаст, во кој што шефот на кабинет вели треба правно да ве заштитиме, бидејќи сум експерт и доаѓам заради таа цел правно да ве заштитиме и вас и институцијата од правен аспект. Јас велам, освен тоа ти си ми зет, затоа треба да ме заштитиш и затоа тоа е излезено од контекст. Значи, тој не ми е зет за ќерка или за сестра. Нема никаков тип на непотизам. Тој е зет на семејството Алиу, но не е мој зет“, вели министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

На денешниот отчет за 100 дена работа, откако неговата партија Алијанса за Албанците влезе во Владата, тој кажа дека работат на проширување на дигиталните услуги на граѓаните преку Националниот портал, со цел намалување на корупцијата и најави формирање на Агенција за дигитализација. А, за реакциите дека граѓани со часови чекаат во Град Скопје да добијат потврди зашто им ги бараат од МВР за изготвување лични документи, ако имињата на улиците се менувале три пати, а и од Катастар бараат потврда од Градот за издавање имотен лист, Алиу рече дека во Централниот регистар на дневна основа се ажурираат податоци за граѓаните и дека со промоција на таа база на податоци и со поврзување на институциите во следниот период, проблемот ќе се надмине.

Министерот најави и дигитализација на повеќе од 150 други услуги до крајот на годината.