ЕЦБ повторно ги крена каматните стапки, очекува висока базична инфлација

Европската централна банка (ECB – ЕЦБ) повторно во четвртокот ги крена клучните каматни стапки за четвртина процентен поен, и покрај слабата економија во еврозоната, прогнозирајќи висока стапка на темелната инфлација која ги исклучува цените на храната и на енергијата.

Така, каматната стапка за рефинансирање на банките од 21-ви јуни ќе изнесува 4 отсто, а каматната стапка за прекуноќните депозити на банките 3,5 отсто. За прекуноќните кредити комерцијалните банки, пак, во иднина ќе плаќаат камата од 4,25 отсто.

Од јули минатата 2022 година Европската централна банка ги крена каматните стапки во еврозоната за четири процентни поени.

Инфлацијата попушта, но ќе остане премногу висока предолг временски период, повторија од ЕЦБ во образложението на континуираното заострување на монетарната политика, за разлика од американската централна банка Federal Reserve (Fed) којашто во средата направи пауза во циклусот на подигнувањето на трошоците за задолжувањата.

ЕЦБ во најновите макроекономски прогнози чувствително ги подигна процените за базичната инфлација која ги исклучува цените на храната и на енергијата, и сега очекува дека годинава во просек ќе изнесува 5,1 отсто и 3 отсто во следната 2024 година. Во март прогнозираа дека ќе изнесува 4,6 отсто во 2023-та и 2,5 отсто во 2024-та.

Причините се неочекуваните повисоки вредности во претходниот период и силниот пазар на трудот, објаснуваат од централната банка на еврозоната.

Незначително ја подигнаа и процената за вкупната инфлација во оваа и следната година, за 0,1-процентен поен на 5,4 односно на 3 отсто.

Инфлацијата и натаму ја поттикнува поскапувањето на енергијата во претходниот период, но и ослободувањето на побарувачката потисната во пандмијата на коронавирусот, особено во секторот услуги.

Сѐ поважен извор на инфлацијата се и притисоците на платите, иако делумно се одразуваат и еднократните мерки за помош, и фактот дека компаниите во некои сектори успеаја да ја задржат добивката на релативно високо ниво, особено онаму каде што побарувачката ја надминала понудата, додават во објаснувањето на ЕЦБ.

Економијата во еврозоната, според нивните процени, би требала да порасне за 0,9 отсто, за 0,1-процентен поен послабо отколку што проценуваа во март. За исто толку ја намалија и процената за 2024-та, на 1,5 отсто.

Управниот совет потврдил дека од јули веќе нема да спроведува реинвестирање во рамките на програмата за купување хартии од вредност (APP), се додава во соопштението на ЕЦБ.