Шаќири до дипломците на УЈИЕ: Вие сте амбициозна генерација која ќе донесе придобивки за државата

„Ви посакувам добро здравје и многу нови успеси во иднина. Знам дека Ве чекаат уште многу достигнувања на личен и професионален план, затоа што сте амбициозна генерација која ќе донесе и големи придобивки за државата и за севкупниот општествено – економски просперитет“.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири со овие зборови им го честиташе дипломирањето на студентите од 19. генерација дипломци на Универзитетот на Југоисточна Европа, на церемонијата што денеска се одржа во Тетово.

„Оправдајте ја дипломата која ја добивте на една од најреномираните и најмодерни високообразовни установи кај нас, но и пошироко во регионот, која е единствена што го негува и одржува стандардот на тројазичност во наставата и дејствувањето“, рече Шаќири.

Ги советуваше дипломците да не се откажуваат од учењето, независно дали е формално или неформално, затоа што, како што рече, секоја нова информација или вештина која ќе ја стекнат, ќе направи повеќе да вредат.

„Сите заедно во оваа прилика треба им се заблагодариме на професорите и сите вработени на овој универзитет за несебичното заложување и пренесување на знаењето што сега е Ваше најсилно оружје. Знам дека го дале најдоброто од себе во текот на едукацијата, затоа што нивната цел, впрочем и целта на професорот е секоја нова генерација да биде барем за нијанса подобра од претходната“, додаде министерот.