Русија одбила напад врз нафтоводот Дружба, изведен масивен удар врз команден центар во Украина

Руската противвоздушна одбрана изминатата ноќ одбила напад на украински беспилотни летала врз пумпно-рафинериска станица на нафтоводот Дружба, со кој се испорачува нафта во источноевропските земји, соопшти во саботата гувернерот на областа Брјанск, Александар Богомаз.

Три украински воени беспилотни летала се уништени во напад во округот Новозибков, објави Богомаз на платформата Telegram.

Нападите со беспилотни летала во внатрешноста на руската територија зачестија последните седмици, особени целејќи ги руските енергетски постројки. Москва за ваквите напади го обвинува режимот во Киев и западните разузнавачки служби, а украинската страна јавно не ја презема одговорноста за нив.

Јужниот крак на нафтоводот Дружба, изграден уште во советската ера, минува низ Украина и, и покрај тамошниот воен судир, продолжува да ги снабдува со сирова нафта Унгарија, Словачка и Чешка.

Истовремено во саботата руското Министерство за одбрана соопшти дека руските ракетни сили изминатото деноноќие, меѓу другото“, „успешно погодиле“ еден од центрите во кои се носат одлуките за дејствувањето на вооружените сили на Украина.

„Вооружените сили на Руската Федерација на 16-ти јуни изведоа групен удар со оружје со висока прецизност со долг дострел од море и од воздух врз еден од центрите на одлучување на украинските вооружени сили. Целта е постигната. Означениот објект е погоден“, се наведува во дневниот брифинг на руското Министерство за одбрана.

Информацијата не може да се провери од независни извори, како и претходното тврдење на Украина дека нејзината противовздушна одбрана наводно соборила повеќе руски хиперсонични проектили „Кинџал“. Москва, исто така, не прецизира која точно била целта и во кој дел од Украина е изведен ракетниот напад, но претходно беше објавено дека бил изведен ракетен напад врз Киев, каде на 29-ти мај беше погодено седиштето на Главната разузнавачка управа (ГРУ) при украинското Министерство за одбрана на островот Рибалски, при што, според руски извори, наводно биле тешко ранет шефот на разузнавањето Кирил Буданов, кој подоцна со американски санитетски авион бил прнесен во болница во Берлин.

Руското министерство за одбрана во саботниот брифинг наведува дека во изминатите 24 часа, украинските трупи продолжиле со обидите за офанзивни дејствија и пробив на фронтот во правците на Јужен Доњецк, Запорожје и Доњецк. Според истиот извор, во областа на Запорожје дејствувала руската борбена групација „Исток“ (Восток), која одбила повеќе напади и притоа вкупните загуби на украинските сили во овие три правца во петокот изнесувале 235 војници, четири тенкови, две пешадиски оклопни возила, 14 оклопни борбени возила, американски артилериски систем „М777“ и хаубица „Д-20“.

Во правецот на Доњецк, каде е распоредена Јужната групација војски, руската авијација извршила напади врз позициите на 46-та аеромобилна бригада и на 109-та бригада на територијалната одбрана на украинската војска. Во овие борби, тврди руското Министерството за одбрана, загинале околу 340 украински војници, биле уништени три борбени оклопни возила, пет воени возила и две хаубици „Д-30“.

На делот од долгиот фронт кај Купјанск, Западната групација на руската војска успеала да одбие напад на украинските сили, како и да спречи дејствија на диверзантско-извидувачка група. На ова поле, велат од Москва, загинале 40 украински војници, а биле уништени еден оклопен транспортер, две воени возила и две хаубици „Д-30“.

Во правецот на Краснолиманск биле отфрлени обидите за пробив на руската одбранбена линија и притоа загинале околу 50 украински војници, биле уништени борбени пешадиски возила, две самоодни артилериски системи „Гвоздика“, хаубици „Д-20“ и „Д-30“, а во правец на Херсон загинале 40 украински борци и биле уништени уште два система „Гвоздика“ и една хаубица „Гиацинт-Б“, тврди руската војска.

Оперативно-тактичката и армиската авијација, како и ракетните и артилериските единици на руската војска, во истиот период нападнале и погодиле 97 артилериски единици на украинската војска, позиции на концентрација на жива сила и воена опрема во 103 области. Во овие дејствија биле уништени два радиски станици за откривање воздушни цели „П-18“ радар на противвоздушниот ракетен систем „С-300“. Во правецот на Доњецк била погодена командно-набљудувачка позиција на баталјон на 95-та воздушно-десантна јуришна бригада на украинската војска.

Руските ловци собориле украински авион „Ми-24“, а противвоздушите сили пресрентале шест проектили исрелани од украинските системи HIMARS и „Ураган“, како и 16 беспилотни летала, наведува руското Министерство за одбрана.