Кошаркарите на Црвена ѕвезда на домашен терен го победија тимот на Партизан со 91:78 (19:21, 19:20, 24:18, 29:19), намалувајќи го резултатот на 1:2 во финалната серија од плејофот во АБА лигата.
Немања Недовиќ до победата го предводеше „црвено-белиот“ тим со 19 поени, а Лука Митровиќ со седум скока и Филип Петрушев со пет скокови постигнаа по 16 поени.
Најефикасен во тимот на Партизан беше Данте Ексум со 16 поени, поен помалку постигна Јам Мадар, а 12 поени додаде Кевин Пантер.
На натпреварот во поранешната сала „Пионир“ му претходеа тензии, бидејќи „црно-белите“ го напуштија загревањето откако навивачите на домашниот тим фрлаа кон нив разни предмети од трибините а потоа од паркетот се повлекоа и „црвено-белите“. По извесно време двата тима се вратија на теренот, но првото полувреме мина во нервозна игра на двете екипи и не многу квалитетна кошарка.
Ѕвезда подобро го започна натпреварот, со поените на Митровиќ и Недовиќ поведе со 9:3 по три минути игра, но кошаркарите на Партизан се прибраа и одговорија со серија 8:0 и го свртија резултатот на 9:11. До крајот на првата четвртина се играше кош за кош, а последните поени ги постигна Ексум за предност на Партизан од 21:19.
Во вториот делница се играше во серија, Партизан имаше максимални плус шест (26:19), Ѕвезда плус пет (33:28), за на големата пауза екипите да заминат со резултат 41:38 во корист на Партизан по „тројката“ на Џејмс Нанели.
Ѕвезда поведе на почетокот на третата четвртина, а на минута и пол до крајот на тој дел од играта стигна и до седум поени предност (60:53). Партизан одговори преку Ексум, па пред последните десет минути заостануваше три разлика – 62:59.
Ѕвезда ја започна последната четвртина со „тројката“ на Лука Вилдоса (65:59), а потоа со шест врзани поени на Недовиќ стигна до првата двоцифрена предност (75:65) на шест минути пред крајот на натпреварот. Избраниците на Душко Ивановиќ го задржаа водството до крајот на натпреварот и со тоа ја продолжија финалната серија од АБА лигата.
Четвртиот натпревар е закажан за вторник од 19 часот, а домаќин повторно ќе биде Црвена ѕвезда.