Квалификации ЕВРО 2024: Ерменија ја победи Летонија со гол во судиското надополнување

Фудбалерите на Ерменија стигнаа до втората последователна победа во квалификациите за ЕУРО 2024 во Групата Д.

Ерменците во петокот ги совладаа Велшаните со 4:2 на гостински терен, а во понеделникот победија против Летонија во Ереван со гол во 91. минута од пенал за 2:1.

Дефанзивецот на Локомотив Москва, Најаир Тикизјан ги доведе Ерменците во водство во 35. минута, но Летонците израмнија со голот на Робертс Саванијекс во 67. минута. Летонскиот дефанзивец Кристерс Тоберс во 91. минута играше со рака, а важна победа за Ерменците од пенал донесе играчот од средниот ред на Слован Братислава, Тигран Баргесијан.

Летонците во петокот загубија од Турција во Рига со 2:3 со гол, исто така, во судиското надополнување, во 97. минута.

Турците и Ерменците водат во поредокот со по шест бода, додека Хрватска има четири бода со натпревар помалку.

Во Групата Ц, Украинците како домаќини во Словачка ја совладаа Малта со 1:0 со голот на играчот од средниот ред на Жирона, Виктор Циганков во 72. минута од пенал. Во 52. минута Украинецот Јармоленко промаши пенал.

Во Групата Х, Финска на домашен терен го победи Сан Марино со 6:0, а хет-трик постигна играчот од средниот ред на норвешка Валеренга, Даниел Хаканс.