Спасовски од Букурешт: Заедничка посветеност во спречување на илегалната миграција и криумчарењето мигранти

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на 23. Состанок на Комитетот на министри во рамки на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа, со која претседава МВР на Република Романија, а на тема „Спречување на криумчарење мигранти и влијанието на војната во Украина врз полициската соработка“.

Истакнувајќи ги актуелните воени и политичко – безбедносни кризи на Блискиот и Средниот исток, војната во Украина, неповолната економска и социјална состојба во матичните земји како значајни фактори кои влијаат за влез и транзит на нелегални мигранти низ земјата, министерот Спасовски рече дека воспоставената Западно – балканска рута, која има поволна географска конфигурација, дава можност за брзо и лесно стигнување од грчката до македонско-српската граница, а понатаму кон земјите на ЕУ.

„Во периодот од јануари до мај 2023 година, на државните граници спречени се 3.518 обиди за илегални преминувања, најголем дел од нив на границата со Република Грција – 3.048, каде е забележано намалување на обидите за 42%, а исто така за 32% е намален е бројот на обиди на граница со Република Србија”, информираше Спасовски, потсетувајќи дека пред речиси два месеца започна да се спроведува заедничката операција со Европската агенција Фронтекс, со која се обезбедува заеднички пристап во справување со предизвиците на илегални активности долж границата со Грција, со распоредување на повеќе од 100 службеници, патролни возила и специјална опрема од страна на Фронтекс.

Во однос на криумчарењето на мигранти, министерот Спасовски истакна дека е забележана тенденција на намалување.

„Кога станува збор за криумчарењето на мигранти, оваа година откриени се 29 случаи на криумчарење на 234 мигранти, а мерки на кривичен прогон се преземени против 21 лице при што доминираат мигранти од Сирија-144, од Конго-39, Пакистан-17, Авганистан-16. Од извршените согледувања, случаите на криумчарење мигранти се намалени за 17%, исто како и бројот на криумчарени мигранти”, рече министерот Спасовски.

Истакнувајќи дека криумчарењето мигранти се рангира меѓу највисоките места на профитабилна форма на организиран криминал, веднаш по трговијата со дрога, министерот Спасовски рече: „За борба против криумчарењето мигранти на еден одржлив начин потребни се континуирани напори кои ќе дадат поттик за спроведување краткорочни и среднорочни активности, соодветни ресурси и тесна соработка на сите земји долж рутата. Повеќе од јасно е дека со оглед на хоризонталниот, вкрстен карактер на криумчарењето мигранти и високиот број на правосудни органи и органи за спроведување на законот на национално, европско и меѓународно ниво, одговорни за спречување на активностите за криумчарење, од клучна важност за добивање конкретни резултати се меѓуресорската координација и соработка, како и размената на информации”, потенцираше Спасовски.

Тој истакна дека во рамки на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија формирана е Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, која работи по насоки на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран и сериозен криминал на основа на Меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на Република Македонија, како добра практика за соработката помеѓу овие две институции.

„Преку оваа единица, Министерството активно учествува во Работна група за Западен Балкан во која партиципираат сите земји од Балканскиот Полуостров, но и други европски земји, како и агенции за спроведување на законот – Европол, Интерпол и ЕАСО, чија цел е размена на криминалистичко-разузнавачки информации во реално време, поврзани со криумчарење мигранти и трговија со луѓе, вршење проверки во бази на податоци, воспоставување на заеднички истраги, организирање на оперативни состаноци, размена на податоци за таргети од висок профил, споделување на нови модуси на делување на организирани криминални групи, нови рути, изготвување на месечни информации за состојби со илегалната миграција и слично. Соработката на ова поле е од големо значење во земјите во регионот и во областа на трговијата со луѓе, поради фактот што постои корелација помеѓу кривичните дела криумчарење мигранти и трговија со луѓе, односно на својот пат кон крајната дестинација, илегалните мигранти многу лесно може да станат жртви на трговија со луѓе”, истакна министерот Спасовски.

Со оглед на фактот што најголемиот наплив на мигранти доаѓаат од територијата на Р.Грција, според министерот Спасовски неопходно е да се интензивира меѓусебната оперативна соработка, во насока на навремена размена на податоци, профилирање на организирани криминални групи и криминални соработници, со цел воспоставување на заеднички истраги за сузбивање на криумчарење мигранти. Тој додаде дека од огромна корист би било и подобрувањето на оперативната соработка помеѓу сите земји долж рутата, вклучувајќи ја и Турција, но и ЕУ земјите кои се крајни дестинации за мигрантите.

Во однос на влијанието на ситуацијата во Украина врз полициската соработка, министерот Спасовски истакна дека пејсажот на регионалната безбедност е веќе изменет што ќе придонесе за долготрајни последици на меѓународниот поредок.

„ Некои промени поврзани со трговијата со луѓе, оружје, дрога и недозволени добра може да бидат трајни, додека други може да бидат минливи, бидејќи динамиката на моќта и физичките закани се менуваат. Оваа постојано променлива природа, и фактот дека овие злосторства ги преминуваат националните граници, може дополнително да го отежне и нашето соочување со предизвиците. Нешто што можеме да направиме и што веќе и го правиме и во рамки на редовното работење на припадниците на МВР е континуирана анализа на заканите и ризиците кои се развиваат, обука и градење капацитети на органите за спроведување на законот во регионот и спроведување кампањи за зголемување на јавната свест за зголеменото постоење на ризици и за мерки кои може тоа да го превенираат”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека треба заедничка посветеност на регионалната соработка како клучна во справувањето со заедничките предизвици.