Меџити најави отворање на посебен центар за лицата со цистична фиброза

Министерството за здравство во наредните недели ќе излезе со предлог за тоа како да се реши проблемот на пациентите со цистична фиброза. Се размислува за отворање на посебен центар во кој ќе се лекуваат тие, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на прашање, дали и како ќе се реши тоа што лицата со цистична фиброза со над 26 години, кои сами си ги плаќаат лекарствата.

„За тоа кој како ќе прима терапија, сепак ќе одлучат стручните кадри, комисија, сите кои треба да примат, кои не треба, до која година ин слично, ќе одлучат професионалци, додаде Меџити.

Во Собрание минатата седмица не помина предлогот за ослободување од партиципација од медицински услуги и лекови на пациенти со цистична фиброза над 26 години.

Асоцијацијата за цистична фиброза бара решение подолго време за овој проблем.
Пациентите со над 26 години, во просек месечно за терапија трошат околу седум илјади денари, а ако имаат компликации, и повеќе.

Моментално, 12 пациенти добиваат „трикафта“, лек со кој се олеснува болеста и лицата со оваа болест може да функционираат без проблеми. Асоцијацијата се бори лекот да го добијат сите пациенти во државата. Тие одржаа и неколку протести, а критиките за односот на државата кон овие пациенти кулминираше на средината на февруари кога почина пациент, чекајќи ја државата да му обезбеди лек.