
Нема кривично дело во медицинскиот третман на 6 годишната Јана која почина само неколку часа по приемот во битолската болница, одлучи обвинителството. Во соопштението од ЈОРМ е наведено дека согласно вештиот наод но и извештајот од Судска медицина било утврдено дека постапките на сите здравствени работници кои учествувале во лекувањето на Јана на 22 март биле во согласност со сите правила и начела на медицината.
Имајќи го предвид ваквото вештачење кое беше засновано на целокупната медицинска документација, здравствената историја на починатата и наодот од обдукција, како и исказите на испитаните здравствени работници и на родителите, обвинителството достави известување до семејството дека во конкретниот случај нема основ за натамошно јавнообвинителско постапување, стои во соопштението.
Правниот застапник на семејството, пак, вчера најави дека доставил барање до обвинителството за вештачење на компјутерот од педијатриското одделение во болницата поради сомневања во времето на смртта бидејќи не се совпаѓале во извештаите. Родителите на малата Јана очекуваа ваков епилог и велат ќе бараат и странска експертиза. Не се согласуваат со информацијата дека воспаление на срцевиот мускул поради бронхопневмонија предизвикана од вирус била причина за смртта на девојчето и нема причинско последична врска со гликозниот раствор што го примила
До нив стигнувала поддршка од многу медицински лица според кои инфузијата била погрешна и непотребна во третманот.
И министерот за здравство, не коментирајќи што пишува во извештајот, вели направиле се што било во нивна надлежност.
-Случаите се во обвинителството и не сакам да коментирам ниту пак имам законско право на тоа. Но она што беше во наша надлежност го направивме веднаш, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
По смртта на Јана министерот го посети семејството а откако почина и новороденче неколку часа по раѓањето, директорот на болницата поднесе оставка. Иако уште пред смртните случаи од оваа установа алармираа за недостиг на персонал, досега нови вработувања нема.