По претрпените значителни загуби во жива сила и борбени средства, украинските единици ги намалија своите активности и се прегрупираат, изјави во четвртокот во својот рапорт рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, пренесуваат руските агенции.
Шојгу рапортирал за ситуацијата на украинското боиште во изминатите две седмици по барање на рускиот претседател Владимир Путин во текот на денешниот состанок на членовите на националниот Совет за безбедност.
„По спроведувањето на активните борбени дејствија изминатите 16 дена, претрпувајќи значителни загуби, (непријателот) ги намали своите активности и во моментов се прегрупира и ја надополнува опремата, собирајќи делови од баталјоните“, изјавил Шојгу на состанокот.
Сепак, признал рускиот министер за одбрана, вооружените сили на Украина сѐ уште имаат сили за продолжување на офанзивни дејствија и покрај големите загуби и во личниот состав и во опрема.
Секретарот на Советот за бебзедност, Николај Патрушев, пак ги презентирал податоците за загубите на укранската армија во периодот од 4-ти до 21-ви јуни. Руските новински агенции не пренесуваат дали на состанокот се изнесени и податоците за загубите на руските трупи на украинското боиште.
Така, според Патрушев, наводно украинската војска во изминатиот период загубила повеќе од 13.000 војници, 246 тенкови од кои 13 од западно производство, 595 оклопни борбени возила од кои 152 се пешадиски боребни возила, 279
теренски артилериски системи и минофрлачи, 42 повеќецевни системи за ракетен баражен оган, два противвоздушни ракетни системи, 10 авиони ловци, 4 борбени хеликоптери, 264 беспилотни летала и 424 други воени возила.
Путин побарал одговор дали се согласува со тие бројки, на што министерот за одбрана одговорил потврдно, пренесува агенцијата РИА.
„Овие податоци се главно податоци добиени од пресретнување (на комуникациите) и извештаите од командантите на украинските единици“, појаснил Шојгу.
Путин прашал и како руското Министерство за одбрана ја проценува заканата во врска со најавените и планирани дополнителни испораки на воена опрема во Украина од нејзините западни сојузници.
Според Шојгу, сега е јасно дека и опремата што веќе му била испорачана на Киев, како и идните испораки, нема значително да влијаат врз текот на ситуацијата на фронтот. Истакнал дека годинава западните земји имаат намера на украинската војска да ѝ достават 250 тенкови, од кои 120 се германските „Leopard“, 31 американските „Аbrams“ и тенковите „95- Т-72“ „останати коишто тие ги собираа по целиот свет“.
Претходно во средата, украинскиот претседател Володомир Зеленски во интервју за BBC изјави дка напредувањето на украинските сили во рамките на противофанзивата било „побавно од посакуваното“. BBC го цитираше Зеленски дека воените офанзивни дејствија не одат лесно, тврдејќи дека руските сили минирале 200.000 квадратни километри украинска територија.
Во прилогот BBC беше наведено и дека Русија „имаше месеци“ да ја подготви својата одбрана, како и дека Украинските сили допрва треба да дојдат до најцврстите руски одбранбени позиции, кои се на околу речиси 1.200 километри долгиот фронт.
Силите на Киев имале „делумен успех“ изминатиот ден и се „вкопуваат и напаѓаат“ на јужниот фронт, а истовремено го издржаа големиот руски напад на истокот, тврди во средата за Reuters неименуван висок украински воени функционер.
Долгонајавуваната противофанзива на украинската војска за истиснување на руските војски од југоисточните региони на Украина, започна неофицијално пред две седмици, во четири правци. Сепак, се проценува дека главната цел на оваа операција на украинските единици е отсекување на поврзаноста на црноморскиот полуостров Крим, на кој по превратот во Киев во 2014 година доминатното руско и рускојазично население со референдуми се одлучи да се врати во составот на Русија во кој бил до 1954 година во советската ера, а што меѓународната заедница сега го смета за нелеглно руско анектирање на украонска територија.
По само три дена од почетокот на украинската противофанзива, руското Министерство за одбрана тврдеше дека украинските сили загубиле околу 7.000 војници, загинати или ранети, како и дека биле уништени повеќе од сто тенкови и оклопно борбени возила од германско и американско производство.