Во торнадо во Тексас загинаа четири лица, уништени згради

Во торнадото што го зафати градот Матадор во северниот дел од американската сојузна држава Тексас во средата, загинаа четири лица, беа повредени се уште неколку други и оштетени најмалку десетина згради, соопштија официјални лица.

„Торнадото без преседан“ се спуштило о 20 часот по локално време, носејќи разорни ветрови во малата заедница од околу 600 жители, според Противпожарната служба на Лабок, на околу 90 милји од Матадор. Пожарникарите од Лабок се една од неколкуте служби за итни случаи од целата провинција кои се приклучуваат на напорите за спасување.

Најмалку десет лица се пренесени во блиските болници, од кои едно почина, соопшти полицијата на прес-конференција во четвртокот наутро.

„Град со оваа големина со толку мала популација, со количината на штета што ја доживеале – не само материјалната штета, туку и економското и емоционалното влијание што ова ќе го има врз градот е многу значајно“, изјави портпаролот на противпожарната служба на Лабок, Дерек Делгадо.

Видеата направени по минувањето на торнадо покажуваат голем број куќи срамнети со земја и урнати далноводи. Околу дваесетина возила за итни случаи го осветлија темниот пат на видеото, кое беше објавено од пожарникарската служба на Лабок.

Повеќето жители во округот Мотли, каде што се наоѓа градот Матадор, биле без струја, според веб-страницата poweroutage.us. Прекин на струја е забележан и на 209 километри јужно од Матадор. Техничарите се надеваат дека ќе го вратат напојувањето на Матадор до петок навечер, откако невремето уништи една трафостаница.

Државниот метеоролошки завод издаде предупредување за торнадо кое се движи кон Матадор околу осум часот навечер и ги повика мештаните да се засолнат.

Едно или повеќе торнада го погодија градот Перитон, Тексас минатата недела, при што загинаа најмалку три лица, а десетици беа повредени. Стотици домови, од кои многу беа во паркови за приколки, беа оштетени или уништени.